|
Изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов - „Обој го светот во портокалово за 16 дена“
|
|
|
Почитувани,
Ви се обраќам за јавно да ја поддржам акцијата „Обој го светот во портокалово за 16 дена". Акција чија цел е да се сврти вниманието на целото наше општество за елиминирање на сите форми на насилство врз жените и девојчињата.
Изминатава недела, портокаловата боја стана боја на солидарност и поддршка на правата на жените и девојчињата кои се неотуѓив дел од универзалните човекови права и правото на човечко достоинство.
Жената е столб на семејството и нераздвоен дел од политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот во Република Македонија. Должни сме да го почитуваме и унапредуваме правото на жената да се образува, да го живее својот живот и да ги подига своите деца со љубов, сигурност и достоинство.
Достојниот маж, сопруг и татко се бори против сите форми на дискриминација на жената, против неправдата, насилството и угнетеноста.
Како Претседател, но и како сопруг, сакам да ги повикам младите и старите, мажите и жените, јавните личности и невладиниот сектор активно да се вклучат во кампањата која повикува за Стоп на насилството врз жената – СЕГА!
Ве повикувам заедно да го мобилизираме јавното мислење, да ги охрабриме онеправданите и заеднички да застанеме против дискриминацијата врз жените.
Да застанеме против предрасудите, обичаите и стереотипите.
Активностите не застануваат на 16-тиот ден од кампањата туку продолжуваат. Борбата против насилството врз жената треба да трае 365 дена во годината.

|