|
Почитувани присутни, Почитувани спортисти, Драги вљубеници во спортот,
Ми претставува вистинско задоволство да ве поздравам на завршната манифестација од годинешниов проект „Спортски бонтон – Традиционални спортски игри".
Денес сме тука како победнички тим. Во нашиот тим беа децата и родителите, наставниците и спортистите од повеќе општини во Република Македонија. Заедно трениравме, заедно се натпреварувавме, заедно стигнавме до целта и го победивме противникот.
Нашиот противник многу добро го знаеме. Тој е нетрпелив кон играчите и навивачите од спротивниот тим. Непристојно навива и безобsирно ги етикeтира различните. Не се воздржува ниту од физичка пресметка за време на спортските натпревари. Воден од желбата за победа, по секоја цена, го оправдува и го охрабрува користењето на недозволени допинг средства. Нему профитот му е поважен од натпреварот, па ги мести спортските резултати. Гордо се нарекува спортист или спортски фан, но всушност нема ништо заедничко со спортот. Тој е нашиот противник, но пред сè противник на спортот.
Против таков противник излеговме со она што најдобро го знаеме: спортскиот бонтон и фер играта, соработката и заедништвото, тимската игра и витештвото, промовирањето на позитивниот спортски дух и почитувањето на различноста. Две години по ред се натпреварувавме и победивме.
Драги пријатели,
Проектот се одвиваше во неколку македонски општини. Oпштини кои безрезервно се вклучија во активностите и со сиот свој капацитет придонесоа за успешна реализација. Ним, на организаторите и на сите поддржувачи на проектот им благодарам и им честитам.
Успеавме да го трансформираме сфаќањето за спортот кај најмладите. Но, успеавме да ги трансформираме и самите спортски терени.
Од место на нетрпеливост, насилство и навреди, спортските терени ги претворивме во простор за почитување, прифаќање и градење пријателства меѓу најмладите што ги надминуваат сите разлики.
На спортските терени, децата спортуваа со другарчиња кои доаѓаат од различни средини, зборуваат на различни јазици и одат во различни храмови.
Но, сите овие разлики стануваат неважни кога ќе се споредат со она што им е заедничко. Сите тие се деца кои му се радуваат на животот, кои се љубопитни и сакаат да знаат. Деца кои имаат нескротлива желба за другарување и споделување. Како претседател, но пред сè како родител и како професор, сметам дека нема поважно од тоа.
Благодарение на спортот децата разбраа што е потребно за вистински да ги запознаат своите врсници.
Почитувани пријатели,
Нашиот победнички тим не запира овде. И натаму продолжуваме да се натпреваруваме во вистински спортски дух. Да ја промовираме суштината на спортот, зближување, поврзување, интегрирање.
Значењето на овој проект не е само во вклученоста на децата, туку и на возрасните пред сè, наставниците. Особено сум благодарен на нивното учество и придонес. Ги охрабрувам спортските работници, учителите, наставниците и родителите да продолжат да ги учат децата на добро спортско однесување.
Од сите нас зависи дали спортот ќе ја задржи својата суштина и дали ќе продолжи да се промовира како алатка за градење на заедништво и пријателство меѓу луѓето. Не се сомневам во позитивниот исход.
Ви благодарам.

|