|
Почитувани присутни, Дами и господа,
Светот во кој живееме е исправен пред многу предизвици. Еден од нив е како да се постигне натамошен интензивен економски развој и отворање нови работни места. Во таа смисла, сакаме Република Македонија да биде држава во која се почитуваат економските слободи, слободниот и отворен пазар, трудот и работливоста. Држава и општество чии граѓани живеат од својот труд, кои инвестираат, вработуваат луѓе, работат за унапредувањето на својата положба, во која секој може слободно да работи и да напредува.
Нашата визија е луѓето да ги изградуваат и да ги користат своите потенцијали, да создаваат квалитетни производи и да нудат квалитетни услуги не само за локалниот, туку и за европскиот, за глобалниот пазар. За да се достигнат овие вредности кои се основа на просперитетот на секоја нација, неопходно е развивање на претприемачкиот дух.
Со цел да ја оствариме споделената визија, ја изготвивме Стратегијата за претприемачко учење во Република Македонија 2014-2020. Притоа, тргнавме од уверувањето дека претприемачкото учење е камен-темелник за одржлив економски раст, развој и отворање нови пазари, нови економски можности и нови работни места.
Неоспорен факт е дека нема поисплатлива среднорочна и долгорочна инвестиција од онаа во претприемачкото учење. Развивајќи го претприемачкиот дух кај младите, создаваме мотор што во иднина ќе ја движи напред македонската економија и на европскиот и на глобалниот пазар.
Ценети присутни,
Оваа стратегија не ќе беше можна без посветената работа на бројни експерти од Македонија и од странство, кои се здружија со релевантните државни и научни институции и странски партнери.
На сите вклучени им честитам за посветената работа и им благодарам за документот што го подготвија. Како претседател на Република Македонија, горд сум што и мојот Кабинет беше активно вклучен во овој проект.
Во изготвувањето на стратегијата се угледувавме на поискусните од нас. Бевме изненадени што и многу поразвиени и економски помоќни европски држави немаат стратегии за претприемачкото учење. Верувам дека Република Македонија навремено тргна по вистинскиот пат што несомнено ќе донесе корист за нашата економија и за општеството во целина.
Сега, кога ја имаме стратегијата следува најважниот сегмент, а тоа е нејзиното спроведување. Со максимално залагање на меѓуресорската група за претприемачко учење, но и на сите засегнати институции, ќе бидат доследно исполнети целите на стратегијата.
Верувам дека сите можеме да го помогнеме процесот на спроведување. Најмалку што можеме да направиме е да ја подигнеме свеста за значењето и важноста на претприемачкото учење во целото наше општество. Со тоа ќе помогнеме да се создадат услови за заживување на стратегијата.
Драги пријатели,
За претприемачкото учење не е значајно само формалното, туку и неформалното образование, како и бизнис-заедницата. Сите вклучени во овој потфат треба соодветно да придонесат за развој на претприемачкото учење. Во нив секој граѓанин треба да препознае можност за стекнување знаење за развој на своите претприемачки вештини и поттикнување на претприемачкиот дух.
Преку знаења, вештини и способности, граѓаните треба да се стекнат со сето она што го одликува секој успешен претприемач. Да се стекнат со претприемачкиот менталитет кој е предуслов за успехот.
Ви благодарам.

|