|
Почитуван ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски", проф. д-р Жоглев Почитувани декани и професори, Ценети студенти, Драги пријатели,
Вистинско задоволство е да ви се обратам во пресрет на денот кога го чествуваме големиот народен светител, просветител и учител Св. Климент Охридски.
За неговата важност сведочи фактот што многу научно-просветни институции, многу училишта, факултети и библиотеки во Република Македонија го носат неговото име. Една од највидните меѓу нив е универзитетот „Св. Климент Охридски" кој одбележува 35 години од основањето.
И како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, ми претставува задоволство што заедно го славиме овој јубилеј. Јубилеите се можност да се погледне на достигнувањата од минатото, да се согледаат состојбите во сегашноста и да се зацрта патот за иднината.
Во изминатите 35 години, универзитетот генерираше знаење, наука и квалификувани наставници и истражувачи и од општествените и од природните и од техничките науки. Од овој универзитет произлегоа многу правници, економисти, педагози, многу квалификувани стручњаци од областа на земјоделството, туризмот, медицината, јавната администрација, информатичките технологии...
Тие се дел од она што е создадено од високото државно образование во Република Македонија.
Сепак, сведоци сме дека во изминатиов период, високото образование доживува голема трансформација и во Македонија но и во Европа и светот.
Ценети присутни,
Од самите свои почетоци, образованието и државата се во симбиоза.
Во антиката, атинските школи постоеле да ги образуваат граѓаните и да создаваат нови генерации водачи кои мудро ќе го водат полисот. Преку образованието, тие се стремеле кон мудроста. Оттука, филозофијата е стремеж кон мудроста.
Во средниот век, филозофијата е во основата на образованието на првите универзитети во Болоња и Сорбона каде се подготвувале идните правници, лекари и теолози на Европа.
Со ренесансата и просветителството, образованието станува достапно за поширок круг на луѓе, а не само на одбраните. Техничките струки стануваат дел од универзитетот и со тоа ќе се промени суштината на универзитетите.
Како што образованието на првиот полис создаваше граѓани на градот, така вториот полис, вестфалската држава имаше потреба од образование што ќе создаде државјани на државата.
На почетокот на 19 век беа направени коренити реформи на високото образование со што се создаде универзитетско образование. Тоа е модел што е во основа на сите универзитети во светот.
Државните универзитетите се создадени за да ги образуваат луѓето кои ќе придонесуваат за државата. Луѓе кои ќе ја креираат политиката, ќе се вклучат во економијата, индустријата, културата, но и во самото образование. Државниот универзитет подразбира образование за потребите на суверената држава.
Денес, сето тоа се менува. Глобализацијата доведе до трансформација на државата, која се соочува со се повеќе нетериторијални предизвици и можности. Ако во минатото државата ги креирала образовните профили за нејзините потреби, денес, се повеќе пазарот и бизнисот ја превземаат улогата на државата, и креираат профили според своите потреби. Со тоа се менува концептот за високото образование насекаде во светот.
Со либерализацијата на високото образование, се очекуваше дека ќе се поттикне конкуренцијата, а со тоа и квалитетот. Многу од овие очекувања не беа до крај остварени.
Од успешната трансформација на високото образование зависи иднината на секоја држава. Затоа, се превземаат мерки за подобрување на квалитетите на високото образование, што е предуслов за нови странски инвестиции, за поуспешна економија и поголем просперитет.
Драги пријатели,
Во сите овие промени, кои не ја одминуваат ниту Република Македонија, едно нешто не се менува. И не треба да одиме подалеку од животот и делото на патронот на овој значаен универзитет.
Севкупното дело на Св. Климент не упатува кон врвните етички вредности и принципи. Да имаме личен и професионален интегритет. Да бидеме одговорни, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност. Да ги почитуваме законите и правилата, и да ги почитуваме другите, ако сакаме и другите да не почитуваат нас.
Во трудољубивоста, посветеноста кон извршувањето на задачите и волјата за акција треба да се угледаме на Св. Климент. За него се вели дека срдечно и ревносно, „не давајќи им одмор на своите очи," ги исполнувал своите должности.
Тоа се одлики на доблесни луѓе, онакви какви што и големиот просветител сакал да произлезат од неговиот универзитет. Тоа се одлики кои мора да ги чуваме и негуваме во нашите универзитети, во нашето високо образование во Република Македонија.
Ви благодарам.

|