Обраќање по повод давањето свечена обврска на Мировниот корпус од САД во Република Македонија
Петок, 28 Ноември 2014   

miroven_korpus1Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Од сите вредности кон кои се стреми човекот, најпосакуван и воедно најтешко остварлив е мирот. Од мирот зависи економијата, развојот, планирањето на нашата иднина и иднината на нашите деца. Но, мирот не е униформен, ниту ултимативен. Мирот се гради преку дијалог, почитување и прифаќање на различноста.

Една таква благородна визија имаше Претседателот Џон Ф. Кенеди кога пред 53 години го формираше Мировниот корпус за да ги промовира принципите на мирољубивиот соживот помеѓу народите и државите во светот.

Луѓето што застанаа на чело на Корупсот имаа храброст таа визија да ја спроведат во практика, и да пружат помош до речиси 139 држави во светот, вклучувајќи ја и Република Македонија.

Дозволете ми да ве поздравам, и да изразам висока почит за мисијата на сите генерации волонтери на Мировниот корпус во Република Македонија. Сакам да знаете дека ве поддржуваме во добрите намери и ви честитаме за вашите дела, посветеност и личен пример во нашите заедници.

Како основа за градење трајни лични пријателства меѓу американските граѓани и нивните македонски домаќини, Мировниот корпус прерасна во мост на пријателство меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Токму затоа, во 2011 година, на 50-годишнината од формирањето и 15-годишнината од почетокот на работата во Македонија, го одликував Мировниот корпус со престижното признание Орден за заслуги за Македонија.

Денес, како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани сакам да се заблагодарам за исклучителната улога на американските државјани кои работат како волонтери во оваа организација.

Со уверување дека оваа, нова генерација ќе продолжи да го развива пријателството и взаемното разбирање меѓу македонските и американските граѓани, им посакувам на новите волонтери успешна работа и понатамошен пријатен престој во Република Македонија.

Ви благодарам.
miroven_korpus_2

  Back<<Назад