Обраќање по повод одликувањето на Македонската филхармонија со „Орден за заслуги за Македонија“
Вторник, 25 Ноември 2014   

filharmonija01Почитувана министеркe за култура на Република Македонија, госпоѓo Канческа-Милевска,
Почитувана госпоѓo Маја Чанаќевиќ, директор на Македонската филхармонија,
Ценети уметници и вљубеници во уметноста,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Честопати велиме дека музиката е јазикот на слободата и надежта.
Но, зошто?

Во 1804-та, пред 210 години, Бетовен ја компонираше својата трета симфонија „Ероика", во која на револуционерен начин го изрази идеалот на слободата, која не е подарена, туку освоена од најхрабрите. Со право, Ероика беше разбрана како музички манифест на незапирливиот човеков стремеж кон слобода.

Една година подоцна, во 1805-та, симфонијата ја доживеа својата прва јавна изведба пред запрепастената виенска публика. Ероика ја смени историјата на музиката и стана незаменлив музички симбол на слободата.

Во 1944-та, пред седумдесет години, на ден Илинден, од херојската борба на македонскиот народ за слобода се роди АСНОМ-ска Македонија. Пред седум децении се роди и оркестарот што подоцна ќе прерасне во Македонска филхармонија.

Само една година по формирањето, на 15 декември 1945-та, оркестарот го имал својот прв симфониски концерт. На репертоарот била Бетовеновата „Ероика".

Со ова дело, музичарите го надополнија манифестот на АСНОМ кој вели дека „македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода". Така, за Македонија, музиката стана второ име на слободата.

filharmonija02Дами и господа,

Во децениите што следеа, Македонската филхармонија прерасна во нераздвоен дел од македонската култура.

Со секој фестивал и концерт, со секое изведено дело и секоја отсвирена партитура, Филхармонијата одново ја потхрануваше нашата внатрешна слобода. Како што не можеме да си го замислиме светот без музика, така, денес, не можеме да ја замислиме македонската култура без Mакедонската филхармонија.

Без неа, Македонија немаше да ги има делата на славните музички класици од сите ери и епохи. Немаше да ги доживее премиерите на современите музички интерпретации на врвните странски и домашни солисти и диригенти.

Без неа, македонските композитори немаше да имаат можност да создаваат музика од нас за нас, музика од Македонија за Македонија, но и за светот. Македонската филхармонија стана најискрен, најдобар и најверен оркестарски изведувач на македонската 7/8-ска музика која излегува од рамките на западната музичка традиција.

Филхармонијата ѝ овозможи на целата наша плејада на талентирани и врвни музичари и истакнати солисти да се стекнат со неповторливо искуство.

Без неа, не можеме да ги замислиме ниту големите фестивали и манифестации со висок уметнички квалитет како „Охридско лето", „Денови на македонска музика", „Скопско лето", „Скопскиот џез-фестивал" и многу други.

Драги пријатели,

Во овие 70 години, Македонската филхармонија беше израз на нашата слобода, училиште за нашите музичари, корен на нашите музички фестивали, промотор на Македонија и на македонската музика, гордост на нашата музичка публика. И постојано, ги надминува нашите очекувања.

Токму затоа, како претседател на Република Македонија, во името на граѓаните донесов одлука да ја одликувам Македонската филхармонија со Орден за заслуги за Македонија.

Ова е признание за сите генерации музичари, солисти, диригенти, директори, за сите допрени срца и незаборавни изведби и во земјава и во странство. Ова е искрена благодарност за сите прекрасни музички моменти и доживувања, но и обврска за во иднина.

Веруваме дека во годините што доаѓаат и во новиот дом на музиката, Македонската филхармонија ќе продолжи да ја облагородува македонската култура, и како израз на слободата да се стреми кон совршенство.

Ви честитам и ви благодарам.

filharmonija03

  Back<<Назад