|
Почитуван заменик-министер за образование и наука, господине Ристовски, Почитувани претставници на Сити колеџот, Почитувани стипендисти, Дами и господа,
Денес е Светскиот ден на придонесот на науката за мирот и развојот. Ден кога се потсетуваме дека образованието и науката имаат моќ да го менуваат човековиот поглед на светот, а со тоа да го менуваат и самиот свет. Со стипендиите „Борис Трајковски" ги постигнуваме и двете цели.
Првата цел е мирот меѓу луѓето и народите. Веќе 5 години по ред, стипендиите што го носат името на големиот миротворец, покојниот претседател Трајковски, придонесуваат кон продлабочување на довербата меѓу македонското и грчкото општество.
Ја користам оваа свечена пригода да им се заблагодарам на Министерството за образование и наука на Република Македонија и на солунскиот Сити колеџ, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд" од Велика Британија со кои имаме одлична трилатерална соработка.
Како посветени партнери со благородна цел, заеднички инвестираме во младите кои се иднина на нашиот регион. Верувам дека така ќе биде и во иднина.
Почитувани стипендисти,
Втората цел е развојот на поединците, но и на општествата и државите. Образованието постои заради студентот и негова цел е да им се помогне на студентите да ја достигнат мудроста, а преку мудроста да се развиваат и да се самоостварат.
Како претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, ми претставува чест да ви ги врачам овие 20 стипендии за мастер студиите на солунскиот Сити колеџ.
Сакам да знаете дека вие не сте случајно избрани. Вие сте најдобри од најдобрите пријавени на годинешниот конкурс.
Извонредноста никогаш не е случајна, туку е резултат на решителност, искрен напор, мудри одлуки и добри навики. Одлуките и навиките, а не случајноста, ја одредуваат вашата иднина, а со тоа и иднината на Република Македонија. Денес ви даваме награда за вашата извонредност, која е воедно и ваша обврска.
На Република Македонија ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите. Уверен сум дека овие студии ќе ви помогнат да станете врвни претприемачи и менаџери со успешна кариера.
„Образованието на умот без образованието на срцето не е вистинско образование", вели Аристотел. Со таа мисла за која верувам дека би се согласил и покојниот претседател Трајковски, сакам да ви порачам дека вашиот иден успех е ваша одговорност и кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е успех и на Република Македонија.
Ви благодарам.

|