Институција која треба да биде темел за поврзување со светската наука и уметност - 45 години од формирањето на МАНУ
Среда, 10 Октомври 2012   

Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Камбовски,
Почитувани членови на Македонската академија, ценети присутни, дами и господа,

Со големо задоволство ја прифатив поканата да ви се обратам на овој значаен јубилеј – 45 години од формирањето на Македонската академија на науките и уметностите. Јубилеите се секогаш добра можност, сеќавајќи се на досега создаденото и постигнатото, да погледнеме во иднината. Во 1967 година беше воспоставен македонскиот храм на науката и уметноста. Храм кој низ годините беше интелектуалниот простор во кој се создаваа бројни и значајни дела.

Како што многу нови градби се изградени врз темелите на старите куќи , така и секоја генерација оди подалеку од претходната затоа што стои врз рамената на претходната генерација. Македонската академија на науките и уметностите беше формирана врз рамената на македонските преродбеници, научници и врвни интелектуалци и уметници.

Денес, 45 години по формирањето, МАНУ има историска можност и генерациска одговорност да им го овозможи на идните генерации она за што е формирана. Да биде генератор за развојот на науката и научната дејност во Република Македонија. Да ја поддржува, афирмира и промовира македонската уметност во земјава и во светот. Да биде темел на македонската наука и уметност. Темел врз кој новите генерации ќе можат да градат мостови на поврзување со светската наука и уметност.

Сè она што е создадено низ годините останува како придонес кој се цени и во Република Македонија, но и надвор од неа. Да се присетиме на бројните научни проекти и трудови од областа на лингвистиката, општествените и медицинските науки, од областа на природните, математичките, биотехничките и техничките науки и уметноста.  Изминатите децении, во рамките на МАНУ беа формирани центрите за генетско инженерство и биотехнологија, за енергетика, информатика и материјали, за ареална лингвистика, за лексикографски истражувања и за стратегиски истражувања. Дел од нив станаа препознатливи во пошироки рамки.

Сакам денес, кога го прославуваме овој наш голем и значаен јубилеј, да ви се заблагодарам за сè она со што ја задолживте Република Македонија, македонската наука и уметност. Овој центар на знаењето, на науката и уметноста има одговорна улога. Улога на важен општествен коректор, од кој општеството очекува ставови, предлози и мислења за клучните прашања кои ја засегаат Република Македонија. И на полето на науката, и на полето на културата, и во економијата, но и сите други аспекти на општествениот живот. Верувам дека МАНУ своето акумулирано знаење, искуство и мудрост, целосно ќе го стави во функција на изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочуваме. Воедно, ја користам оваа свечена пригода да ве охрабрам да работите на поврзување со светските научно-истражувачки центри, со глобалните академски центри.

Ценети присутни,
Нè очекуваат нови предизвици, кои од науката и уметноста ќе бараат да бидат позастапени и погласни, не само во Република Македонија, туку и надвор од неа. Тоа се предизвици и задачи за една современа, отворена и напредна институција, отворена кон идните генерации, кон новите науки, кон новата реалност.

Свесни сме дека академиите не се само места за складирање на знаењето, туку институции за нудење на решенија за проблемите и предизвиците на оваа и идните генерации. Генерации кои имаат потреба од анализирање и решавање на проблеми. Затоа, неопходно е да се отвори вратата за современите научни дисциплини. Дисциплини кои не се изградени околу функциите и институциите, туку околу проблемите, резултатите и решенијата.

Времето не чека, туку брзо чекори напред. Новите промени во современите технологии ќе дојдат со или без нас. Најголем бенефит ќе имаат оние поединци, општества и држави кои активно ќе се вклучат во глобалниот натпревар и ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар на идеи и технологии. Прашањето е дали ќе чекаме да ни се нудат решенија, или ќе се обидеме и ние да бидеме дел од тие решенија кои му се потребни на светот.

Уверен сум дека овие 45 години ни даваат добра основа за самоуверено и храбро да продолжиме напред. Треба сериозно да размислуваме за продлабочување на партнерството меѓу науката, државата и бизнисот, за доброто на Република Македонија и на нејзините граѓани. Партнерство кое треба да ја отсликува реалноста и улогата на науката во 21-от век. Век на нови технологии, нови пристапи. Век во кој МАНУ треба да биде активен чинител на светската научна јавност.

Која е реалноста на 21 век? Живееме во време на динамична наука. На мултимедијална уметност. Науката е сè повеќе апликативна, практично применлива, која доведува до решавање на реалните потреби на граѓаните. Нам, во Република Македонија, неопходна ни е опиплива, применета, апликативна наука која ќе нуди практични решенија.

Науката е интердисциплинарна. Стеблото на науката што го засади Аристотел е драматично променето. Кога станува збор за природните науки, сведоци сме на еден динамичен процес на академско калемење и поврзување на дрвото на знаењето и науката, што продуцира нови дисциплини и нови научни плодови.

Дами и господа,
За време на моите посети во странство, честопати среќавам наши научници кои вршат сериозни истражувања во странските научно-истражувачки центри. Мојата визија е овие истражувачи тоа да го прават тука, во Македонија. Сакаме овие докажани македонски истражувачи своето знаење, искуство, своите визии и идеи да ги донесат тука, во Република Македонија.

Решението е во напорно создавање на една динамична генерациска вертикала, втемелена врз заемна почит и љубов кон науката и уметноста. Неопходно е создавање генерациска одговорност и пополнување на вакуумот што постои меѓу генерациите научници и уметници. Како универзитетски професор, образував повеќе генерации политолози. Многумина од вас го направиле истото со многу повеќе генерации. Верувам дека сите ќе се согласите со ставот дека е незаменливо чувството на исполнетост кога ги гледате младите како успеваат. Желбата на секој добар учител е да биде достигнат и надминат од своите ученици.

Свесни сме за ограничувањата кои ги имаме како држава. Но, свесни сме и за огромниот потенцијал што го поседуваме – човековиот иновативен и креативен ум. Македонската академија на науките и уметностите треба да продолжи да биде жариште и светилник на иновативниот и креативниот македонски дух. Светилник што ќе ги насочува младите македонски научници кон врвните научноистражувачки центри во Европа и светот, за повторно да ги врати во Македонија, со акумулираното и применливо знаење. Верувам дека тоа ќе биде најголемата инвестиција во младите научници. Верувам дека така Македонската академија на науките и уметностите најдобро ќе ја оствари својата значајна функција.

Ви благодарам.

  Back<<Назад