|
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, господине Никола Груевски, Почитувани претставници на македонската дијаспора, ценети присутни, дами и господа, драги пријатели,
Инвестицијата, по дефиниција, е насочена кон иднината. Токму затоа, со големо задоволство ја прифатив поканата да ве поздравам на овој прв Македонски глобален инвестициски самит. Сакам да им честитам на организаторите – „Македонија 2025“ и да ги поздравам учесниците.
Како претседател на Република Македонија досега сум учествувал на многу самити. Но, овој е прв од ваков вид во Република Македонија. Самит кој собира повеќе од 40 светски бизнис-лидери на едно место, тука, во нашата духовна и културна престолнина Охрид. Самит кој целосно се фокусира на иднината.
Ценети присутни, Ако Македонија е позната по нешто, тоа е традиционалното гостопримство. Благодарение на напорната работа, реформите и посветеноста, во изминатите години станавме препознатливи и како добра дестинација за директни странски инвестиции. Македонија е отворена за соработка и има што да понуди. За тоа зборуваат и глобалните рејтинг-листи, Македонскиот слободен пазар ги гарантира правата на сопственост. Имаме образована и висококвалификувана, но релативно евтина работна сила. Како раскрсница на Југоисточна Европа, местоположбата на Република Македонија е одлична за транзит и дистрибуција на добра. Тука се и ниските и рамни даноци од 10% и исклучително лесното регистрирање на компании – за само четири часа. Но, и многу повеќе од тоа.
Почитувани претставници на македонската дијаспора, Република Македонија има пријатели и поддржувачи во светот. Но, овој инвестициски самит зборува дека најдобриот пријател на Македонија и на Македонците треба да се самите Македонци, каде и да живеат, создаваат и напредуваат. Самитот е потврда дека во македонската бизнис-дијаспора имаме верен и стабилен партнер кој со својот успех нè инспирира и мотивира.
Затоа, од името на македонските граѓани и од свое име, сакам да ви се заблагодарам. Вашата посветеност зборува за љубовта која ја имате кон Македонија. Кога нешто се дава во вистинскиот момент, вредноста е далеку поголема и позначајна. Бидете уверени дека ова што го правите денес е најголемата инвестиција во нашата заедничка татковина од ваков вид. Македонскиот глобален инвестициски самит ги одразува желбите, волјата и решеноста на македонската дијаспора активно да се вклучи во градењето на македонската иднина.
Во досегашното успешно работење, „Македонија 2025“ ја покажа својата водечка улога на платформа за вмрежување на луѓе, идеи и капитал. Платформа за зајакнување на економската соработка меѓу бизнис-дијаспората и македонската економија, наука и образование во насока на унапредување на трговијата и инвестициите.
Водени од мисијата да помогнат во создавањето поволна економска клима во Република Македонија, тимот од „Македонија 2025“ на располагање ја става својата експертиза, знаење и контакти. Ја користам оваа прилика да ги охрабрам учесниците на овој самит, да ја искористат можноста што им се нуди.
Ценети присутни, Времето не чека, туку бргу чекори напред. Некои ќе речат дека 2025 е далеку, дека имаме време и дека не треба да брзаме. Но, не смееме да заборавиме дека времето е релативна категорија. Челикот се кали додека е врел. Во услови на глобална економска и финансиска криза, не смееме да ја изгубиме стекнатата реформска и економска кондиција. Треба не само да го одржиме, туку и дополнително да го забрзаме темпото на реформите во економијата, судството, законодавството, образованието, науката и останатите клучни сектори. Ни преостануваат само 13 години за да ја постигнеме поставената цел – напредна, богата и просперитетна Република Македонија. Македонија како призната, препознатлива и посакувана дестинација за директните странски инвестиции. Македонија како заеднички дом на нејзините граѓани и на нејзината дијаспора. Верувам дека сме на вистинскиот пат.
Пред неколку дена, Република Македонија по четврти пат доби позитивен извештај од Европската комисија, во кој се констатира дека нашата земја продолжува да ги исполнува сите потребни услови и е подготвена да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Тоа зборува за посветеноста која ја имаме. Но, и за напорната работа што ни претстои.
Македонија е нашиот единствен заеднички дом. Сакам да знаете дека вие сте дел од нашиот единствен заеднички дом и дека целосно сме подготвени за конкретна соработка со бизнис-дијаспората. Ви стоиме на располагање во секое време. Сите државни институции, агенции, стопански комори ја поддржуваат оваа благородна иницијатива. Сакаме да ги чуеме вашите ставови, идеи и совети за тоа како да ја направиме Македонија поуспешна на полето на економијата. Можеби 13 години не се многу, но се сосема доволни ако се работи напорно, сплотено, со заемна доверба и почит.
Драги пријатели, Со увереност дека семето што е посеано на овој самит ќе даде богат плод, ви посакувам успешна и плодна работа.
Ви благодарам.
|