Црквата е генератор на духовноста, етиката, уметноста и писменоста – 45 години од возобновувањето на МПЦ
Сабота, 06 Октомври 2012   

Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на свечената Духовна академија, која по повод 45-годишниот јубилеј од возобновувањето на  Македонската православна црква, се одржа во катедралната црква Св. Софија во Охрид:

Почитувани,
Ми претставува вистинска чест да ви се обратам на Духовната академија. За Охрид секогаш велиме дека е нашата духовна и културна престолнина, a во голема мера, тоа е благодарение на Македонската православна црква.

Денес прославуваме 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија. Светол јубилеј што зборува за искрената и длабока посветеност на православниот македонски народ кон својата црква. Јубилеј што сведочи и за премрежијата низ кои минувала нашата црква и нејзините верници.

На третиот црковно-народен собир во 1967 година, што се одржа тука, во Охрид, беше возобновено она што два века порано беше оспорено, потиснувано, прогонувано. Низ своето постоење, Македонската православна црква – Охридската архиепископија се соочуваше, и сè уште се соочува, со премрежија кои се несвојствени за една апостолска црква. А македонската црква во основа е токму тоа – апостолска.

Во Делата Апостолски, 16:9, се вели: „Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието“.

Павле не е единствениот. Него во неколку наврати го придружувале и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик. Во Македонија проповедал и апостол Андреј Првоповикан, чиј помошник Урван, еден од седумдесеттемина апостоли, бил назначен за прв македонски епископ. Словото го ширеле и солуњаните Аристрах и Секунд, Филипјанецот Епафродит и Гај од Добер. Семето што го посеале апостолите во Македонија даде богат плод. Можеби првиот цвет е токму богобојазливата Лидија, за која се вели дека: „Господ и го отвори срцето да внимава на она што го зборуваше Павле“. Но, тоа беше само почеток.

Преку Македонија, христијанството дојде во Европа. Последниот римски и прв византиски император Јустинијан, македонската црква ја издигна на ниво на архиепископија со центар во Јустинијана Прима. Така, Македонија стана еден од духовните светилници на христијанството во Европа.

Со христијанството се ширеше и словото и писменоста. Доволно е да се сетиме на сесловенските светители и просветители Кирил и Методиј, кои ја разобличија тријазичната ерес и го одбранија правото на секој народ да го осознава словото Божјо на сопствениот мајчин јазик. Нивната мисионерска работа во Македонија ја продолжија учениците. Како што Св. Наум Охридски им даваше утеха на болните, лечејќи ги во својот манастир, така Св. Климент Охридски им даваше надеж на гладните и жедните за правда и вистина, преку образованието.

Почитувани,
Свесни за оваа исклучителна историја, не можеме а да не се прашаме: Што е црквата за македонскиот народ? Од каде извира предаденоста на толку многу генерации верници кон Македонската православна црква? Предаденост и во периоди на слава, успех и благосостојба, но, уште повеќе, во периоди на надворешни оспорувања, негирања и потиснувања.

Црквата е и храм за славење на Бога, и бедем на нашата посебност. Низ вековите, со ова парче земја владееле бројни цареви и владетели, разни узурпатори и окупатори. И секогаш, македонскиот народ наоѓал засолниште во својата Македонска православна црква. Имаше периоди кога верата и Црквата беа истиснувани од јавниот простор и беа потиснувани од јавниот живот. Но, опстанаа и народот и неговата вера во Бога. Опстана и Македонската православна црква како стожер на посебноста.

Ценети присутни,
Црквата не е само место за религиозни обреди, туку духовен простор за искрена вера во Бога. Црквата се и храмовите и уметноста и писменоста. Но, пред сè, црквата се верниците. Црквата се сите оние кои ги отвориле своите срца за словото Божјо, за верата, надежта и љубовта. Црквата е место каде човекот се надградува духовно, етички и просветно. Каде верникот го учи златното правило дека треба да се однесува кон другите онака како што сака и другите да се однесуваат кон него – со почит, добра мисла и љубов.

Лишени од сопствена македонска држава, македонскиот народ закрила за развој на образованието, културата и уметноста имаше токму во пазувите на Македонската православна црква. Од првиот сесловенски универзитет во Охрид, 3500 студенти продолжија да го шират образованието и писменоста низ цела Европа. Македонските манастири беа жариште на македонскиот дух и преродба. Од манастирите произлегоа првите македонски преродбеници Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, Партенија Зографски и Теодосиј Синаитски.

Она што е создавано во македонските цркви и манастири е дел и од светската културна ризница и сведочи за креативноста и генијалноста на македонскиот дух. Фреските и иконите, иконостасите и архитектурата на црковните градби, старите ракописи и другите црковни предмети се сведоштво и историја, но и сегашност и инспирација за идните генерации. Оттука, Македонската православна црква покрај пастирската и улога на жива црква има и задача да го чува и промовира културното и уметничкото и, воопшто, цивилизациското наследство кое се наоѓа во нејзините храмови. Тоа, секако, не е само чесна и света задача на свештенството туку и на сите мирјани.

Почитувани,
Македонската православна црква денес дејствува во сосема поинакви општествени услови. Во слободна и демократска држава каде што, секако, е загарантирана верската слобода. Во овие собитија Македонската православна црква како впрочем и останатите верски заедници во Република Македонија и натаму се генератор на духовното и етиката кај верниците. Во време на своевидна ерозија на моралните и духовните вредности, во свет обременет со економска криза, конфликти, нестабилност, духовното е она што му е потребно на современиот човек. Верата е она што нè одржало низ вековите, но и она што сега му дава квалитет и смисла на човечките животи и перспектива за иднината. Свесни сме за реалноста. Свесни сме за одговорноста. Тоа што ќе го оставиме зад нас, ќе им остане на генерациите по нас.

На крајот, дозволете ми, уште еднаш да ви го честитам јубилејот и да завршам со зборовите на Свети Климент Охридски:

Чувајте го стадото што ви е доверено поучувајќи го со кроткост и упатувајќи го на лубов... Да се обновиме со добрина и својот живот достоен ќе го сториме, а не само со збор да се нарекуваме христијани, туку во духовен подвиг да се поставиме и да се надминуваме еден со друг со добрина.

Ви благодарам.

  Back<<Назад