|
Почитуван господине Претседател, господине Генерален секретар, Екселенции, дами и господа,
Ми претставува посебна чест и големо задоволство да се обратам пред овој исклучителен форум и да ги споделам ставовите на Република Македонија за прашањата што нè засегаат сите нас.
Најпрвин, би сакал да му упатам честитки на господинот Вук Јеремиќ за изборот на престижната функција – претседател на 67. Генерално собрание. Верувам, господине Јеремиќ, дека соодветно ќе одговорите на предизвиците и задачите што Ви претстојат и на тој план ја изразувам нашата целосна подготвеност за соработка. Би сакал да му упатам и честитки на досегашниот претседател, амбасадорот Ал Насир, за неговото успешно претседавање со 66. Генерално собрание.
Ја користам оваа прилика да ги поздравам ангажманите и напорите и на генералниот секретар, господинот Бан Ки-мун, кои неспорно придонесуваат за јакнење на улогата и за зголемениот углед на Светската организација. Беше вистинска чест за мене и за македонските граѓани, да бидеме негови домаќини. Република Македонија високо ги цени и ги поддржува неговите неуморни ангажмани, поради што, како досега, и натаму може да смета на нашата поддршка.
Господине Претседател, дами и господа, Повеќе од било кога порано во историјата на човештвото, нациите во светот се исправени пред исти предизвици, се жртви на исти закани, и споделуваат желби за подобра иднина. Ефективниот мултилатерализам е од суштинско значење за развивање на колективни акции како одговор на заедничките предизвици. Обединетите нации, се организација со универзален и неспорен легитимитет за справување со глобалните предизвици преку глобална акција. Поддршката од државите-членки е од суштинско значење. Во таа насока, ве уверувам дека Република Македонија ќе продолжи да дава активен придонес кон зајакнување и подобрување на ефективноста на системот.
Ценети екселенции, Овој свет исполнет со различности, има потреба од најмал заеднички содржател, врска која ги поврзува сите поединци, народи и држави, независно колку се различни нивните култури, јазици и религии. Таа врска е Повелбата на обединетите нации, нејзините принципи и темелни вредности. Република Македонија е цврсто определена за почитувањето на Повелбата на Обединетите нации. Повелба, која е основниот темел на надворешната политика на мојата земја. Од прогласувањето на независноста, а и како членка на Обединетите нации, решавањето меѓународни спорови по мирен пат беше еден од нашите водечки патокази. Патокази во нашето однесување како одговорна членка на меѓународната заедница. Затоа, ја поздравувам препораката Генералното собрание да ја стави во центарот на овогодишната дебата токму оваа тема.
Грамот превенција чини колку кило лек. Кога зборуваме за меѓународните спорови, неизбежно е, како еден од инструментите за нивно решавање, да се повикаме на активностите за нивна превенција. Превентивната дипломатија денес уште повеќе ја докажува својата релевантност. Република Македонија во почетокот на својата независност беше домаќин на мисијата УНПРЕДЕП, во тоа време единствен таков механизам на Обединетите нации. Искуството на Република Македонија, но и на Обединетите нации и на инволвираните земји-членки беше позитивно. Сведоци сме дека развојот на меѓународните односи и сè поголемата сложеност на предизвиците на глобалниот свет ја потврдуваат потребата од развивање на механизми и користење на „добри услуги“.
Оттука, сакам да му оддадам признание на генералниот секретар што се заложи за подетална анализа на ова прашање презентирано во неговиот извештај за „Јакнењето на улогата на посредувањето за мирно решавање на споровите, превенцијата на конфликти и нивното решавање“. Оттаму, произлегоа и добри оперативни решенија за надградба на капацитетот на Обединетите нации. Ценам дека треба и мора да се најдат начини и можности за јакнење на улогата на генералниот секретар на Обединетите нации во решавањето на меѓународните спорови.
Во време на светска економска криза, фокусот на Обединетите нации врз превенцијата на конфликтите и врз натамошното развивање на превентивната дипломатија е разбирлив. Република Македонија смета дека е разумно да се води сметка за ефективното и ефикасно искористување на ресурсите, што стануваат сè пооскудни. Токму затоа, внимателно ги следиме активностите поврзани со извештајот на генералниот секретар за изградбата на „Цивилни капацитети после конфликтот“ и имплементацијата на препораките на советодавната група. Многу е важно меѓународната заедница да направи напредок на планот на превенцијата на нови конфликти и да го спречи можното повторно запаѓање во конфликти кај ранливите земји.
Република Македонија е подготвена да го понуди своето искуство во изградбата на демократските институции, втемелени врз македонскиот инклузивен демократски модел на интеграција без асимилација.
Во овој контекст би сакал да се надоврзам на неодамна завршениот состанок на високо ниво за владеењето на правото на национално и на меѓународно ниво. Република Македонија придава големо значење на ова прашање, што несомнено претставува основа на сите демократски општества. Извештајот на генералниот секретар за владеење на правото ни понуди различни идеи за размислување и натамошно дејствување. Република Македонија смета дека инклузивноста е важен принцип што треба да биде применет при владеењето на правото. Тоа има мултисекторски карактер и треба да ги опфати сите актери, особено цивилното општество.
Господине Претседател, Владеењето на правото е нецелосно и невозможно без почитување на човековите права. Како што рече Генералниот Секретар на ОН на отворањето на ова Генерално Собрание: „ќе немаме ниту мир, ниту развој без почитување на човековите права и владеењето на правото.“
Како земја која гради модел на инклузивна демократија, Република Македонија посебно внимание посветува на развојот, унапредувањето и заштитата на човековите права. Право и должност на секоја држава е да ги чува и да ги унапредува правата на своите граѓани. Човековите права треба да ја зајакнуваат и да ја потврдат националната сувереност. Тоа ќе биде најдобрата гаранција дека „одговорноста за заштита“, како принцип во најголем дел ќе се задржи на својот посакуван прв, примарен столб. Во таа насока, Република Македонија ќе продолжи со напорите за заштита и промоција на човековите права. Напори за унапредување на демократијата и на владеењето на правото, промовирање на родовaта еднаквост и унапредување на положбата на жените и заштита на ранливите и маргинализирани групи.
Исто така, силно го поддржуваме активното учество на земјите-членки во Универзалниот периодичен преглед, како механизам за унапредување на капацитетот на Советот за човекови права.
Во овој контекст, би сакал да потсетам дека Република Македонија ја презентираше својата кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016 година. Убедени сме дека со своето досегашно искуство на овој план, но и со конкретните постигнувања, како и со нескриените амбиции за промоција на овој сегмент на глобалното управување, ќе можеме да дадеме целосен придонес. Придонес во натамошното јакнење и зацврстување на човековите права и нивна дополнителна афирмација во годините што претстојат.
Господине Претседател, дами и господа, И оваа година приоритетите се насочени кон трите најважни столба на нашата светска организација: мир и безбедност, одржлив развој и човекови права. Сите три се меѓусебно поврзани. Не може да има одржлив развој без мир и безбедност, а без развој и намалување на сиромаштијата не може да има одржлив мир. Милениумските развојни цели остануваат параметрите според кои ќе се оценува нашиот успех.
Аспирациите на Република Македонија за пристапување кон Европската унија го создадоа потребниот потенцијал за политички, економски и социјални реформи. Промовирањето на рамномерен и сеопфатен развој втемелен врз човековите права ја дава основата за националната развојна агенда. Токму затоа, Владата на Република Македонија утврди програма која има за цел да го потенцира економскиот развој, да го подобри животниот стандард на граѓаните, да создаде работни места, да се бори против корупцијата, да ги зголеми можностите за образование, да ја унапредува демократијата и меѓуетничките односи. Рамномерниот и одржлив развој е единствен влог во иднината. Влог во кој секој мора да учествува со свој дел во интерес на заедничката благосостојба. Исходот на Конференцијата за одржлив развој, Рио+20, треба да претставува натамошен поттик за користење на алтернативни можности за остварување на одржливиот развој. Република Македонија, во координација на своите политики со европските партнери, ќе се заложи за проширување на алтернативите. Одржливиот развој е тесно поврзан со намалувањето на ризици од катастрофи и со адаптацијата кон климатските промени. Препознавајќи ја оваа меѓузависност, Република Македонија го поддржува холистичкиот пристап кон нивното имплементирање во националните, регионалните и глобалните стратегии, политики и планови.
Дами и господа, Нашата посветеност кон регионот на Југоисточна Европа и регионалната соработка ја демонстрираме преку претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Регионот не е имун на глобалните предизвици и закани. Закани кои може да се отстранат само со исполнување на преземените обврски и бројните заложби на сите нас. Уверен сум дека интензивната регионална соработка на ова поле ќе ни помогне да изградиме регион поотпорен кон природните непогоди.
Сакаме со нашето претседавање со Процесот да се фокусираме на реалните и секојдневни потреби на граѓаните. Потреби за мир, безбедност и развој. Потреби кои се резултат на глобалните предизвици. Предизвици кои не признаваат ниту политички граници, ниту етнички, ниту верски групи. Меѓу приоритетите на македонското претседавање ќе биде соработката во областа на економијата и земјоделството, културата и туризмот, науката и образованието, прекуграничната соработка и заштитата на животната средина. Нашиот пристап се темели врз принципот на решавање на проблемите на граѓаните, без разлика на етничката, верската или било која друга припадност. Не гледам друг начин како да се направи ова освен преку тесна регионална соработка.
Добрососедските односи да ги градиме врз основа на солидарност. За возврат, од нашите соседи очекуваме солидарност во акција за побезбеден регион. Можеме и мораме да бидеме подготвени за идните ризици, со цел да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство.
На тоа не обврзуваат младите. Младите очекуваат од нашата генерација одговорно однесување. Тие живеат во време на нови технологии, и се запознаени со се она што се случува на глобално ниво. Немам дилема дека целата наша енергија треба да биде насочена кон младите, кон создавање млади за иднината и иднина за младите. Млади кои ќе бидат изградени во духот на дијалогот, толеранцијата и почитувањето на различноста. Затоа, истовремено со Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, ќе бидеме домаќини и на 11-от по ред Форум на дијалогот меѓу цивилизациите во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа, чија тема ќе биде фокусирана на младите. Како Претседател на Република Македонија со големи надежи, заедно со УНЕСКО се подготвуваме идното лето да го прославиме 10-годишниот јубилеј од првиот регионален собир „Дијалог на цивилизациите.“ Мојот претходник, претседателот Борис Трајковски, токму од оваа говорница, со огромната помош на Обединетите нации и УНЕСКО не само што го сонуваше тоа, туку и го реализира во Охрид во 2003 година. Време кога сеуште не беа залечени раните од крвавиот конфликт во просторите на поранешна Југославија. Токму зборовите од „охридската порака“ зборуваат за несомнениот голем капитал на Република Македонија – да биде функционален мултиетнички, мултијазичен и мултирелигиски темел на Европскиот Балкан и на Балканот во Европа.
Следната година ќе бидеме домаќини на третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите. Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив. Ги осудуваме сите форми на насилство. Никој не смее да биде жртва на насилство. Ниту поединците, ниту народите, ниту државите, ниту пак официјалните претставници на државите. Како што во јавниот простор не смее да се премине границата на јавната пристојност, така и насилството не смее никогаш да биде одговор на истото. Господине Претседател, ценети Екселенции, Владеењето на правото и човековите права се базични принципи, и со нив не може да се прави компромис. Целосно се согласувам со ставовите на Генералниот секретар на ОН искажани при неговата посета на Македонија во јули оваа година, дека никогаш не треба да правиме компромис кога станува збор за универзално прифатените принципи. Должност на Обединетите нации, и на сите нас, е да не дозволиме да се прави компромис со владеењето на правото и со човековите права. Затоа, побарав од генералниот секретар повторно да се актуализира извештајот на независниот експерт за малцински прашања, госпоѓата Геј МекДугал: „Унапредување и заштита на сите човекови права, цивилни, политички, економски, социјални и културни права, вклучително и правото на развој“ од септември 2008 година.
Да ве потсетам на препораката од извештајот дека владата на нашиот јужен сосед треба да се повлече од спорењето околу тоа дали има Македонско малцинство, и целосно да се фокусира на заштитата на правото на самоидентификација, слобода на изразувањето и слобода на здружувањето на таа заедница. Во препораката се повикува нашиот сосед да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Пресуди според кои на здружението треба да му биде дозволено да го користи зборот македонски во своето име и слободно да го изразува својот етнички идентитет. Во извештајот се заклучува дека правата на заштита мора да биде почитувана онака како што е елаборирано во Декларацијата за малцинствата и основните меѓународни договори за човекови права.
Изразив очекување од Генералниот секретар да го вложи својот авторитет и да се ангажира, со цел деблокада на разговорите што се водат под негово покровителство, а се однесуваат на разликата околу името. Почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе значи почитување на меѓународното право и владеење на правото во практика. Верувам во процесот. Верувам дека процесот може да доведе до решение. Но, не можеме да чекаме уште 19 години за тоа да се оствари.
Денес, во 21виот век се чини апсурдно некој да биде ословуван како поранешна држава или поранешна колонија. Во име на достоинството на мојот народ користам прилика јавно да им се заблагодарам на сите 134 земји членки на Обединетите нации кои го признаа уставното име на мојата држава, а тоа е Република Македонија. И да упатам апел до сите Вас: обраќајте ни се од аспект на иднината!
Целосно се согласувам со кажаното од Претседателот на САД Барак Обама, пред неколку дена, од оваа говорница: „ние веруваме дека слободата и само-определувањето не се уникатни за една култура. Тие не се само американски вредности или западни вредности. Тие се универзални вредности.“
Во минатото на ОН им се случувало на некои земји да добијат дополнителни услови, но советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година кажа дека тоа не е исправно. Дека тоа е спротивно на Повелбата на ОН. Освен во нашиот случај, досега не се случило некој некому да му ја оспори слободата на само-идентификација. Македонија треба да го добие она што и припаѓа. Нешто што сите вие земји-членки присутни тука го имате и го уживате. Ускратувајќи и го тоа на Македонија, и се ускратува правото да биде еднаква и рамноправна со сите земји-членки.
Тука разговараме и за меѓународното право. Зборуваме за владеењето на правото. Еве ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата донесена пред 10 месеци во корист на Република Македонија. Бараме оваа пресуда, донесена од орган на Обединетите нации, да се почитува.
Ова го бараме затоа што дури и на оваа говорница се случувало да не спречуваат да го користиме нашето име. Меѓународниот суд на правдата со член 95 од пресудата експлицитно утврди: Македонија има право себеси да се именува како Република Македонија во нејзините односи со другата страна и во рамките на меѓународните организации.
Поаѓајќи од духот на добрососедските односи и силната определба за надминување и решавање на отворените прашања, ја користам оваа можност да го повикам нашиот сосед, заеднички да работиме во таа насока. Од ова место, од срцето на Обединетите Нации, ги повикувам да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ги почитуваат меѓународно превземените обврски.
Ние сме соседи. Но, ние сакаме да бидеме повеќе од соседи. Сакаме да бидеме партнери, сојузници и пријатели за да можеме заедно да ја градиме сегашноста и иднината на нашите народи, нашите земји, нашиот регион. Сакаме заедно со нив да работиме на надминување на споделените предизвици. Сакаме заедно со нив да градиме безбеден, напреден и слободен свет за нашите деца.
Посакуваме нашиот сосед што побрзо да излезе од кризата. Предложивме низа на практични мерки како да ја надоградиме нашата економска и добрососедска соработка. Предлагаме да склучиме билатерален договор за одбегнување на двојното оданочување. Македонските даноци се поволни и за нивните стопанственици, како и секогаш, така и сега имаат широко отворени врати во Република Македонија.
Господине Претседател, Екселенции, дами и господа, Република Македонија цврсто верува дека Обединетите нации остануваат центар на мултилатерализмот и на глобалното владеење. Во рамките на своите можности, мојата земја ќе продолжи да биде активен учесник во реализацијата на целите на Обединетите нации. Долготрајноста на процесот на реформи на Советот на безбедност и на ревитализација на Генералното собрание, како и севкупниот процес на зајакнување на кохерентноста и на ефикасноста на системот, не треба да нè обесхрабрува. Треба да биде само повод и поттик за натамошна мобилизација.
Само Обединетите нации можат да обезбедат интегрирани решенија за меѓузависните прашања, како што се: развој, мир и безбедност, човекови права и хуманитарна акција. На крај, ве повикувам сите заедно да се присетиме на зборовите на Жан Моне, таткото на модерна Европа: „секоја афирмација на ветото во новата европска историја ја изразува немоќта за дијалог и претставува афирмација на националниот егоизам.“ Обединетите нации го поттикнуваат универзалниот дијалог. Дијалог што најчесто резултира во заеднички решенија за справување со глобалните проблеми, заради реализација на заедничката визија за иднината на меѓународниот систем.
Ви благодарам.
|