Благодарение на филмската камера мигот станува вечност – Oтворање на 33. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
Сабота, 15 Септември 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, свечено го отвори 33-тиот Меѓународен фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој традиционално се одржува под негово покровителство. Шефот на државата и ја врачи Специјалната награда „Златна камера 300“ на француската актерка Катрин Денев, ексклузивна гостинка на фестивалот. Во своето обраќање на свеченото отворање на фестивалот, претседателот Иванов истакна:

Почитувачи и вљубеници во магијата на подвижните слики, драги гости,
Ја имам честа и задоволството да ви се обратам на свеченото отворање на триесет и третиот Меѓународен фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, еден од ретките во светот, посветен на оние што се зад камерите – директорите на филмската фотографија.

И годинава на оваа престижна манифестација, ќе имаме можност да видиме врвни филмски остварувања, и да бидеме домаќини на големи имиња од светската кинематографија.

Благодарение на филмската камера мигот станува вечност, минливоста траење, но окото на снимателот е она што на филмскиот запис му дава вистински живот и уметничка бесмртност. Токму преку визијата на снимателот и преку објективот на камерата, играта на светлината останува запишана на филмската лента, како победа на уметничката димензија над минливоста на животот.

Особено сум горд, што на годинешново издание на „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани 28 филмски остварувања, а фестивалот ќе биде отворен и затворен со премиерите на македонските долгометражни филмови: „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски. Им посакувам на двата филма успешно претставување, присуство на многу престижни фестивали и прикажување низ киносалите ширум светот.

Вдахновени од примерот на браќата Јанаки и Милтон Манаки, да продолжиме и натаму ревносно да создаваме и да постигнуваме високи културни и естетски дострели.

Би сакал да упатам и честитки до тимот кој и годинава успеа да подготви извонредна програма.

На сите вам, почитувани гости, Ви посакувам пријатни мигови исполнети со одличните филмски остварувања од годинешниот репертоар на фестивалот „Браќа Манаки“.

Го прогласувам фестивалот за отворен!

Благодарам.
 

  Back<<Назад