| Сочувство до чешкиот претседател Клаус по повод смртта на поранешниот претседател на Чешка, Вацлав Хавел | |
|
|
Почитуван господине Претседателe, Дозволете ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам длабоко сочувство по повод смртта на поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Хавел. Вацлав Хавел, како борец против тоталитарната идеологија се стекна со голем углед и почит меѓу сите слободољубиви народи на Европа. Свесен за неправдите на тогашниот режим, Хавел го посвети својот живот на неговото уривање, и ја имаше среќата да го види своето животно дело остварено. Меѓу бројните награди со кои беше почестен, веројатно најзначајната е сознанието дека милиони луѓе во Европа денес живеат во слобода, во демократија. Затоа, не случајно, денес, демократските движења низ светот своите идеали и инспирација ги влечат од периодот на Прашката пролет, во херојската борба на граѓаните на тогашна Чехословачка, за слобода и демократија. Вацлав Хавел беше инспирација и пример за многу дисиденти, борци за човекови права во Европа, вклучително и во Република Македонија. Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Чешката Република и до семејството на големиот Европеец, претседателот Хавел. Д-р Ѓорге Иванов
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Хавел испрати писмо со сочувство до претседателот на Чешката Република, Вацлав Клаус.










