Претседателот ги прими акредитивите на новоименуваните амбасадори на Австрија, Кореја и Лаос
Петок, 25 Ноември 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Австрија, на Демократска Народна Република Кореја и на Народна Демократска Република Лаос.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Томас Михаел Баер, Претседателот Иванов изрази задоволство од одличните политички односи и позитивно го оцени развојот на пријателските односи и соработката меѓу двете земји. Претседателот Иванов истакна дека промената на статус кво состојбата во интегративните процеси за Република Македонија е одговорност на земјите членки на ЕУ и во тој контекст изрази благодарност за принципиелната позиција на Австрија, дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка во интеграциите. Тоа е став кој целосно е во согласност со суштината и целите на европското обединување, нагласи македонскиот претседател.

Новоименуваниот амбасадор на Демократска Народна Република Кореја во Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. Ју Ванг Ван, го информираше Претседателот Иванов за актуелните состојби на корејскиот полуостров и перспективите за решение кое ќе обезбеди траен мир и стабилност во регионот. Претседателот Иванов изрази благодарност за доследната и конструктивна поддршка на Демократска Народна Република Кореја во однос на принципиелната употреба на уставното име на нашата земја во билатералните односи и на меѓународен план.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Лаос во Република altМакедонија, со седиште во Виена, Н.Е. Камкеуанг Боунтеум,  Претседателот Иванов ја поздрави одлуката за именување прв нерезидентен амбасадор на Лаос во Македонија, со која се отвораат нови можности за интензивирање на односите. Двајцата соговорници изразија очекување дека соработката на билатерален и на мултилатерален план ќе продолжи да се унапредува. Претседателот Иванов укажа дека Македонија е заинтересирана за соработка со Лаос во рамките на Франкофонијата, каде оваа земја е особено активен член.

  Back<<Назад