|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денес го прими генерал-мајор Мајкл Дуби, командант на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт.
Претседателот Иванов и генерал-мајор Дуби остваруваат редовни средби во рамки на долгогодишната воена соработка помеѓу Република Македонија и сојузната држава Вермонт. На средбата, на која присуствуваа и Министерот за одбрана, Фатмир Бесими, Началникот на Генералштабот на АРМ, Генерал Мајор Горанчо Котески и новоименуваниот амбасадор на САД во РМ, Пол Волерс, се разговараше првенствено за состојбите и достигнувањата на заедничката мировна мисија во Авганистан.
Македонија и Вермонт координирано настапуваат во мисијата во Авганистан, чија цел е да се обезбеди стабилност во оваа држава и да се промовира градењето на демократско општество.
Претседателот Иванов на средбата уште еднаш ја истакна важноста од заеднички придонес кон зачувување на мирот и слободата во светот, а особено во регионите кои подолго време се борат да ја надминат дестабилизацијата. Во денешното глобално уредување, како што нагласи претседателот Иванов, проблемите на една држава не можат да останат изолирани, и следствено занемарувањето на стабилноста во еден дел од светот, како што е Авганистан, може да генерира негативни последици и во други региони.
Генерал Мајор Дуби го нагласи сразмерно големиот ангажман на македонската армија во мировните операции, додавајќи дека Соединетите Американски Држави високо го ценат континуираниот македонски придонес, како одраз на вистинско и длабоко пријателство меѓу двете земји. Тој изрази особена благодарност кон Македонија за ангажманот на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировните мисии, особено во мисијата ИСАФ.
Соговорниците оценија дека Македонија заслужува што поскоро и формално да стане член на Северно-Атланската Алијанса, што ќе биде дополнителен придонес кон напредокот и развојот на Балканот.
Партнерството помеѓу Република Македонија и сојузната држава Вермонт започна во 2005 година како воена соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт, преку Програмата за државно партнерство на Европската команда на САД. Во текот на годините таа соработка се прошири на многу сфери, вклучувајќи ги јавните услуги, кризниот менаџмент, промоцијата на универзитетско партнерство, економскиот развој, регулацијата во сферата на енергетиката, поддршка на спортот, итн.
|