Честитка до припадниците на Бошњачката заедница по повод Денот на Бошњаците, 28 септември
Среда, 05 Октомври 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците ја упати следната честитка до припадниците на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.


Почитувани сограѓани,

Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, просперитет и благосостојба.

Република Македонија, како земја која во центарот на своите приоритети го има поставено негувањето на различните културни специфики и традиции, е дом на Бошњаците исто како и на другите етнички заедници. Историското присуство на бошњачката заедница во Република Македонија, придонело кон оформувањето на физиономијата на нашата мултиетничка и мултикултурна држава, збогатувајќи го нејзиниот духовен и културен колорит. 

Бошњаците секојдневно и непоштедно го даваат својот приоднес во сите сфери на животот во Република Македонија, зајакнувајќи ги напорите за демократки и економски развој и евроатланска интеграција на државата. 

Како држава остануваме посветени на целта да го овозможиме развивањето и унапредувањето на бошњачката култура и традиција, со цврста определба за нивна понатамошна промоција, негување и надградба. Посветени сме и на целта сите наши граѓани, Бошњаците и припадниците на сите други етнички заедници, да можат во Македонија да гледаат држава во која можат да остварат личен и колективен напредок успех. На овој ден, можеме да кажеме дека заедно чекориме водејќи ги нашите идни генерации кон иднина на просперитет и мир.

Нека Ви е честит големиот празник.

Д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад