Средба со Ричард Ховит, известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија
Среда, 05 Октомври 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Ричард Ховит, известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија.

На средбата, Претседателот Иванов истакна дека Европскиот Парламент, како носител на волјата на граѓаните во Европската Унија, е постојан пријател на Македонија и силен поддржувач на нашите евро-интегративни процеси. Пратеникот Ховит и Претседателот Иванов се согласија дека иднината на Македонија, и на целиот регион, е во обединување во рамките на Европската Унија, во процес кој овозможува надминување на меѓусебните недоразбирања и разлики.

Претседателот Иванов истакна дека Македонија ги исполнува критериумите за отворање на разговорите со Европската Унија и дека единствената пречка на овој пат е спротиставувањето од страна на Република Грција. Претседателот Иванов додаде дека Македонија останува посветена на разговорите за надминување на спорот со Република Грција. Воедно, Претседателот Иванов го истакна успешниот модел на разговори меѓу Хрватска и Словенија, како пример во кој надминувањето на билатералниот спор меѓу две држави не го попречи водењето на разговорите за членство на Хрватска во Унијата. Претседателот Иванов оцени дека овој модел може да се примени и за надминување на спорот кој Република Грција го поставува пред македонските интеграции.

  Back<<Назад