Писмо до претседателот на САД Обама по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001
Недела, 11 Септември 2011   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, упати писмо до Претседателот на Соединетите Американски Држава, Барак Обама.

Почитуван г-дине Претседател,

Токму на десетгодишнината од терористичките напади кои не ја потресоа само Вашата голема нација, туку, исто така и срцата и мислите на сите слободољубиви демократии во светот, би можел единствено да се придружам кон единственото чувство дека ужасните настани од тој кобен ден не смеат никогаш да бидат заборавени. Чувството на ужас, страв и тага никогаш нема да избледи во заборав.  Мора да остане запаметено како лекција, но и како поттик за солидарност и единство меѓу слободните држави во нивната борба против злото. 

Пред десет години, тероризмот нанесе сериозен удар на Вашиот народ и на нашите заеднички вредности, фрлајќи длабока сенка врз слободниот свет. До ден-денес, оваа сенка постојано се растерува како од страна на американските патриоти, така и од страна на меѓународната заедница.

Сеќавајќи се на жртвите, на ожалостените и на секое семејство што живее во тага, сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзиниот народ ќе продолжи да ги поддржува американските напори за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот со истата одлучност како и досега.

Борбата за мир, слобода и за подобра иднина на човештвото во целост, е далеку од завршена. Република Македонија е верен и докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, а нашите мировници остануваат заедно со Соединетите Американски Држави во напорите за поголема безбедност, стабилност и мир во светот. Би сакал да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со семејствата на жртвите.

Ве молам, Почитуван Претседателе, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад