|
По повод празникот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија и 20-годишнината од создавањето на суверена и самостојна држава, голем број шефови на држави од светот испратија честитки до претседателот Ѓорге Иванов. Ги пренесуваме пораките добиени до овој момент.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама во својата порака испраќа честитки до граѓаните на Република Македонија, нагласувајќи дека 8 Септември е ден кога можеме да се осврнеме на значајниот напредок кој Македонија го постигна во изминатите 20 години и да ги засилиме напорите за зајакнување на мултиетничките и демократските инстиутции во Македонија. Соединетите Американски Држави го ценат силното партнерство и остануваат посветени на соработката во поддршка на нашите заедничките цели, наведува во писмото претседателот Обама.
Германскиот претседател, Кристјан Вулф, во својата честитка по повод 8 Септември упатена до претседателот Иванов порачува – Патот на Вашата земја во правец кон членство во Европската унија и НАТО бара смелост, реформи и далкувидост. Бидете уверени дека притоа Германија и понатаму ќе биде на страната на Вашата земја како партнер. Вам и на Вашиот народ Ви посакувам среќа и благосостојба во мир и слобода.
Претседателот на Република Франција, Никола Саркози, во своето писмо наведува дека посебно го радува квалитетот на односите меѓу двете земји и посакува истите да бидат поинтензивни, а соработката да се унапредува не само на билатерален план, туку и во рамки на приближување на земјата кон Европа. – Посакувам со Ваш поттик, земјата да постигне напредок за решавање на спорот за името со Грција, забрзувајќи го притоа процесот на евроатлантска интеграција. Тоа ќе претставува за вашата земја, но и за целиот регион, гаранција за мир и за просперитет“.
Пал Шмит, претседателот на Република Унгарија, го изразува своето задоволство што во последните години односите меѓу двете земји се развиваа многу интензивно. – Сметам дека Вашата официјална посета на Будимпешта, во април годинава, е значителен чекор во овој процес. Во остварувањето на напорите за придружување на Македонија во НАТО и во Европската унија, Република Македонија и понатаму, како и досега, без никакви промени, може да смета на мојата поддршка. Искрено посакувам вашите напори во остварувањето на задачите кои ви претстојат, што поскоро да бидат крунисани со успех.
Во името на сите Канаѓани, своите најискрени честитки ги сподели и генералниот гувернер на Канада, Дејвид Л. Џонстон, нагласувајќи дека врските меѓу Канада и Македонија постојано растеа во текот на годините, и ќе продолжат да растат врз основа на споделената посветеност на вредностите како просперитет, мир и добро управување. – Аплаудирам на напредокот кој Вашата земја го постигна на својот пат кон евроатлантското интегрирање и $ посакувам на Македонија континуиран успех во остварување на оваа цел. Бидете сигурни во непоколебливата поддршка од страна на Канада, во напорите на Македонија да ги надмине предизвиците кои $ претстојат.
Г-ѓата Квентин Брајс, генерален гувернер на Комонвелтот на Австралија, во своето писмо со честитки, воедно, нагласува дека ги поддржува зголемените заемни посети на парламентарци од двете земји, кои ги потенцираат блиските врски меѓу луѓето и културите на двете нации. – Особено задоволство ми беше што на парламентарните избори во јуни 2011, три места беа резервирани за дијаспората и што австралискиот кандидат, Мики Додевски, беше избран да ја претставува зедницата во Австралија и Азија.
Претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао, во својата празнична честитка до претседателот Иванов и пријателскиот народ на Република Македонија, го споделува своето видување дека кинеско-македонските односи се развиваат стабилно и дека соработката во различни области постигнува позитивни резултати. – Подготвен сум заедно со Вас, да вложиме заеднички напори во духот на принципите на заемно почитување, рамноправност и заемна корист, континуирано да ги промовираме кинеско-македонските односи.
Романскиот претседател, Трајан Басеску, во својата честитка вели: Се присетувам со задоволство на конструктивните разговори кои ги имав со вас г. Претседателе за време на мојата посета на Скопје во 2010 година и сакам да ве уверам во идната цврста поддршка на Романија за достигнување на стратешките определби на Република Македонија за влез во Европската унија и НАТО.
Иван Гашпарович, претседателот на Словачката Република на сите граѓани на Република Македонија им посакува стабилност, просперитет, севкупен напредок и европска иднина на земјата. – Убеден сум дека пријателските односи и соработка меѓу Република Словачка и Република Македонија и понатаму ќе се развиваат во полза на двете нации.
Г-ѓата Мишелин Калми Реј, претседател на Швајцарската Конфедерација во своето писмо споделува искрени честитки до претседателот, владата и граѓаните на Македонија, изразувајќи надеж дека односите на пријателство и соработка меѓу двете земји ќе продолжат со несмален интензитет.
Неговото кралско височество, јапонскиот император Акихито, по повод независноста на Македонија испрати срдечни честитки и искрени желби за среќа и напредок на македонскиот народ.
Искрени честитки по повод 20-годишнината од независноста на Република Македонија испратија и шведскиот крал, Карл XVI Густав, и холандската кралица, Беатрикс.
Срдечни честитки и надеж за натамошно успешно развивање на билатералните односи, прогрес и просперитет, испрати и претседателот на Народна Република Алжир, Абделазиз Бутефлика.
|