|
Новиот амбасадор на Аргентинската Република Гујермо Салвадор Азрак ги предаде акредитивните писма
|
|
Вторник, 06 Септември 2011
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Аргентинската Република во Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г. Гујермо Салвадор Азрак.
Претседателот Иванов нагласи дека и покрај географската оддалеченост на двете држави, постои заедничка желба и голем потенцијал за уште посеопфатно и посодржинско развивање и унапредување на меѓусебните односи и соработката, во сите сфери од заемен интерес, подеднакво на билатерален и на мултилатерален план.
Претседателот Иванов го изрази интересот од македонска страна за интензивирање и балансирање на економската соработка и трговската размена, информирајќи го новиот амбасадор за напорите на земјата постојано да создава поволен амбиент за странски инвестиции - слободните економски зони и поволностите кои ги нудат, ниските даноци, договорите за слободна трговија со бројни држави. Тој ја нагласи можноста Република Македонија да претставува и влезна врата на аргентинските стоки во регионот на Југоисточна Европа, со поволности кои бизнис-заедницата на Аргентинската Република би можела да ги искористи.
Амбасадорот Азрак, во овој контекст истакна дека ќе направи сè за да придонесе кон зајакнување на економските врски помеѓу Македонија и Аргентина, заложувајќи се да ја поттикнува аргентинската бизнис заедница и активно да ги претставува можностите за инвестирање во Република Македонија. Тој исто така нагласи дека ќе вложи напори за понатамошно промовирање и зајакнување на односите и размената во сферата на културата меѓу двете земји.
Претседателот Иванов и амбасадорот Азрак ја истакнаа целосната подготвеност и на двете држави за натамошно интензивирање на билатералните односи и надградување на соработката со нови содржини.
|