|
Новоименуваниот апостолски нунциј на Светиот престол, надбискупот Јануш Болонек, ги предаде акредитивните писма
|
|
Вторник, 06 Септември 2011
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими акредитивните писма од новоименуваниот апостолски нунциј на Светиот престол, со седиште во Софија, Н.Е. надбискуп Јануш Болонек.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и Светиот престол негуваат односи исполнети со заемно разбирање и поддршка, и нашата земја во континуитет придава посебно значење на развојот на односите и соработката со Светиот престол. Политиката што ја води Светиот престол и залагањата на меѓународен план, афирмирајќи ги врвните морални вредности, се совпаѓаат со надворешно-политичките ориентации на нашата држава. Република Македонија е мултинационална, мултикултурна и мултиконфесионална држава каде дијалогот, толеранцијата, почитувањето на различноста се вековна традиција. Нашиот модел на соживот е нашата најсилна легитимација во меѓународното општество. Тоа е и нашиот влог кон регионалната стабилност и просперитет, рече претседателот Иванов.
Новоименуваниот апостолски нунциј на Светиот престол, надбискупот Јануш Болонек искажа висока почит и восхит за етничката хармонија и за религизоната толеранција по која се препознава Република Македонија. Тоа е клучниот фактор за мир, стабилност и социјален прогрес, секаде. Потенцираше дека како апостолски нунциј ќе се залага за натамошна промоција на разбирањето и солидарноста меѓу луѓето и дека ќе направи сè што е во негова моќ за натамошен развој и за продлабочување на традиционално добрите билатерални односи меѓу Светиот престол и Република Македонија.
Надбискупот Јануш Болонек пренесе поздрави од Неговата светост - Папата до граѓаните на Република Македонија. Македонскиот претседател ја реафирмираше поканата и го искажа интересот за реализација на посета на папата Бенедикт XVI на Република Македонија.
|