Новиот амбасадор на Народна Република Кина Цуј Џивеи ги предаде акредитивните писма
Вторник, 06 Септември 2011   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија, Н.Е. Цуј Џивеи.

Претседателот Иванов изразувајќи задоволство од високото ниво на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, подвлече дека Македонија високо ја цени независната мирољубива надворешна политика што ја води Кина и нејзината позитивна улога во Азија и во светот. Република Македонија останува цврсто и принципиелно на ставот за постоење на една Кина. Ова е став на граѓаните на Република Македонија и овој став никогаш нема да биде доведен во прашање, без разлика која политичка гарнитура е на власт, рече претседателот Иванов. Македонскиот претседател истакна дека ние никогаш нема да ја заборавиме поддршката од Народна Република Кина уште од најраните денови на нашата независност, а особено принципиелната употреба и ставот кон нашето уставно име.

Претседателот Иванов го изрази интересот од македонска страна за зголемување и унапредување на економската соработка, за динамизирање на можностите за презентација на стопанските потенцијали на Република Македонија за привлекување кинески инвестиции.

Амбасадорот Цуј Џивеи подвлече дека Народна Република Кина високо ја цени позитивната улога на Република Македонија во регионот, и ги почитува и поддржува патот и изборот на стратешките цели на земјата. Изрази задоволство од континуираниот политички дијалог на највисоко ниво и нагласи дека економската соработка меѓу двете земји во последните години бележи нагорен тренд. Продлабочување и интензивирање на оваа соработка ќе биде највисоко во неговата агенда за време на неговиот мандат.

Претседателот Иванов и амбасадорот Џивеи ја истакнаа и потврдија досегашната одлична соработка на мултилатерален план.
 

  Back<<Назад