|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Белград, воочи Деветтиот УНЕСКО регионален самит на шефови на држави од Југоисточна Европа, оствари билатерална средба со Претседателот на Република Србија Борис Тадиќ.
Претседателите констатираа позитивна динамика во билатералната соработка меѓу Македонија и Србија во сите сфери, изразувајќи заемно задоволство што отвореноста со која и двајцата пристапија кон соработка, како и нивните чести средби, позитивно се одразуваат во односите меѓу двете земји и придонесуваат за подобро разбирање.
На средбата беа разменети мислења за ЕУ-интегративните процеси на двете земји, како и заедничката констатација дека интеграцијата на целиот регион во Европската унија е без алтернатива.
Иванов и Тадиќ дискутираа и за регионалните прашања, првенствено за Косово, при што беа потврдени позициите на двете држави. Заемната констатација од сите досегашни средби е дека различните позиции во однос на некои прашања, како што е статусот на Косово, или црковното прашање, не смеат и не се пречка за развој на севкупната соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија.
Двајцата претседатели воедно разговараа и за значењето на инфраструктурното поврзување, со акцент на неопходноста и заемната корист од Коридорот 10, при што се согласија дека секоја од земјите треба да вложи напори да го заврши својот дел од коридорот.
Претседателот Иванов изрази задоволство од третманот и односот на Република Србија кон македонското национално малцинство. Двајцата претседатели заемно констатираа дека зачувувањето, негувањето и афирмацијата на националните културни идентитети е прашање од врвен интерес за двете земји.
Попладнево претседателот Иванов оствари средба со претставниците на македонската заедница во Србија, кои го информираа за нивните напори во пресрет на претстојниот попис на населението, преку кампањи да го поттикнат слободното изразување на националната припадност кај Македонците. Истакнато беше дека пописниот образец е преведен на македонски јазик. Претседателот Иванов на средбата ја искористи можноста да ги повика сите Македонци кои живеат во Република Србија слободно да ја изразат својата национална припадност на претстојниот попис.
Македонските иселеници изразија задоволство што во рок од две години, по третпат имаат средба со претседателот Иванов. Тие го информираа дека, согласно разговорите поттикнати од Претседателот Иванов пред две години во Нови Сад, Сојузот на македонски организации во кој се обединети 30 македонски здруженија и Демократската партија на Македонците денес се здружени во неформален сојуз - МАКОС (Македонски обединети сили).
Во остварувањето на своите малцински права, македонскиот сојуз најголем резултат годинава постигнал во областа на образованието, со официјалното воведување на македонски јазик во прво одделение во населеното место Јабука, како и со објавувањето Буквар на македонски јазик со елементи на национална култура. Во Јабука се поставени и двојазични табли на улиците.
Претседателот Иванов нагласи дека има голем напредок во регионот во изминатата деценија во однос на почитувањето на малцинските права и дека очекува Македонците во другите земји да имаат ист третман како и малцинствата во Македонија.
|