|
Честитка по повод Рамазан-бајрам до сите граѓани од муслиманска веросиповед
|
|
Понеделник, 29 Август 2011
|
|
|
По повод државниот празник Рамазан-бајрам, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис ул улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, до Ријасетот на ИВЗ, како и до сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија.
Почитуван Реис ул улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи,
Чест ми е во мое лично име, и во име на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, како и на сите верници од исламска вероисповед да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и завршувањето на рамазанските пости.
Посакувам празничните денови да ги минете во среќа, радост и добро здравје, во кругот на семејството и на најблиските. Цврстите семејни и пријателски врски остануваат темел на личната среќа и успех во заедницата и затоа овие празнични денови се особено важни бидејќи овозможуваат и покрај секојдневните обврски да се одвои време и за домот и за семејството.
Сакам да укажам дека нашето општество повторно покажа колку ги почитува старите и проверени традиции на заеднички живот и пријателство, при што припадниците на различните верски заедници со заемно почитување ги уважуваат меѓусебните празници. Бев почестен од поканите што ги примив, за присуство на неколку срдечни, заеднички одбележувања на овој светол период. Бројните примери на заедничко одбележување на рамазанските пости на кои присустуваат и граѓани кои не се припадници на исламската заедница, повторно покажаа дека Македонија е општество во кое се негуваат и почитуваат високи хуманистички традиции на кои можеме да бидеме горди.
Почитуван Реис ул улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, честитајќи Ви го уште еднаш Рамазан-бајрам дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија да Ви посакам здравје, среќа, добро расположение и духовен мир.
|