Честитка по повод Успение на Пресвета Богородица до сите православни верници
Недела, 28 Август 2011   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до Поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, до Светиот синод и до сите православни верници кои го празнуваат овој голем ден.

Ваше Блаженство, почитувани граѓани,

На овој голем христијански ден кој го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, уште еднаш ги потврдуваме во себе начелата кои го водат нашиот живот - чистината на духот, скромноста, човечноста, подготвеноста да споделиме и радост и тага со нашите ближни, и да му помогнеме на оној кому тоа му е потребно.

Богородица, Божјата мајка, заштитничката на нашите души и светол пример за секој христијанин е воедно и симбол длабоко вкоренет во нашата духовна традиција. Нејзиното присуство низ вековите нè предводи по патот на радоста и светлината и е извор на нашата внатрешна сила и добрината во нашите срца.

Празнувањето на животот и успението на Пресветата Богородица, уште еднаш нè потсетува дека само со безрезервна љубов, чиста намера и добрина, ќе го исполниме нашиот живот. Овие вредности остануваат светол пример за секој православен верник, но и начин во нашите срца, во нашите домови и семејства да опстојува хармонија и благодат.

Нека ни е честит и за многу години овој голем празник!
 

  Back<<Назад