|
Средба со Ирина Бокова, Генерален директор на УНЕСКО
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Охрид ја прими Ирина Бокова, Генерален директор на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации – УНЕСКО.
На средбата Претседателот Иванов изрази задоволство што оваа година 50-годишниот јубилеј на меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ е официјално вклучен во програмата на УНЕСКО за одбележување на јубилеи на значајни настани.
Претседателот Иванов потенцирајќи дека Република Македонија беше иницијатор и првата држава - домаќин на Самитот на претседатели од Југоисточна Европа во 2003 година, посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите, изрази особено задоволство што овие собири беа и се од исклучително значење за подобрување на вкупниот амбиент во регионот и креирање нов дух на разбирање и соработка. Во тој контекст Претседателот Иванов го информира Генералниот директор на УНЕСКО дека на претстојниот Самит во Белград ќе ја официјализира кандидатурата на Република Македонија, во соработка со УНЕСКО, да биде домаќин на десетгодишнината од овој тип на состаноци во 2013 година.
Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија активно ги промовира и учествува во активностите на УНЕСКО на национално и меѓународно ниво, вложувајќи исклучителни напори за зачувување на изобилното културно-историско наследство кое го поседува, но и за афирмација на целиот регион кој низ историјата бил центар на европската и светската цивилизација, и на културна испреплетеност.
Двајцата соговорници се согласија дека досегашната плодна соработка помеѓу Република Македонија и УНЕСКО, ќе продолжи и во иднина, преку реализација на заеднички проекти и иницијативи. Воедно, констатираа дека во денешно време соодветниот третман кон цивилизациските наследства може да биде и во функција на економскиот развој на државите, особено преку креативните индустрии и културниот туризам.
Г-ѓата Бокова го информираше Претседателот за реформските процеси кои ги започнала во рамките на УНЕСКО. Таа истакна дека зачувувањето на културното наследство како материјалното, така и нематеријалното, е одговорност на државите членки на организацијата и во тој контекст упати честитки и признанија за сè што Република Македонија досега го има направено на овој план.
|