Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (18 август) во Охрид се сретна со Адмирал Семјуел Локлир, командант на Здружената команда на НАТО во Неапол.
Претседателот Иванов и Адмиралот Локлир на средбата разговараа за нивото на соработка меѓу Македонија и НАТО, истакнувајќи притоа дека односите се на исклучително високо ниво. Двајцата соговорници го истакнаа придонесот кој Република Македонија го дава кон стабилноста во регионот и пошироко, во рамките на мировните мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан.
Претседателот Иванов и Адмиралот Локлир разговараа и актуелностите во спорот кој Република Грција го наметнува во процесот на македонските евро-атлански интеграции. Претседателот Иванов истакна дека придонесот кој Република Македонија го дава кон стабилноста и просперитетот во Европа ќе биде дополнително засилен по македонското интегрирање во НАТО, за што Претседателот истакна дека веќе се исполнети сите објективни критериуми.
Во рамките на одбележувањето на Денот на Армијата на Република Македонија, Претседателот Иванов во Охрид организираше средба со поранешните началници на Генералштабот на АРМ.
Претседателот Иванов денес во Охрид имаше и телефонски разговор со македонски војници во Авганистан и во Босна и Херцеговина, на кои имаше можност да им го честита Денот на Армијата 18 август и да им посака успех во извршувањето на поставените задачи.
|