|
Од 22 до 31 август 2011 година во Охрид, ќе се одржи втората „Школа за млади лидери“, под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на која ќе учествуваат 37 млади луѓе од целата земја.
Школата за лидери е проект кој беше првпат инициран уште во изборната програма на претседателот Иванов, следејќи ја неговата идеја и визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициоазни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Школата, која за прв пат беше организирана во 2010 година, е наменета е за млади луѓе со завршено високо образование, кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација.
Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби. Оваа година пред учесниците ќе зборуваат: претседателот д-р Ѓорге Иванов, д-р Георг фон Хабсбург, амбасадор за европски прашања во Владата на Република Унгарија, Константино Лауриа, економски советник на Премиерот на Италија, Хартмут Грос, сопственик на германската компанија Холц-Грос, г-ѓа Дарја Бавдаж Курет, амбасадор на Словенија во Унгарија, Адам Горал, претседателот на АССЕКО групацијата - четврта најголема ИТ асоцијација во светот, Ларс Рајс, поранешен парламентарец од Норвешкиот парламент, професори од универзитетите Кембриџ и Оксфорд, директори на меѓународни институти и други успешни лидери од Европа и светот.
Реализацијата на школата е во целост поддржана од приватниот сектор преку донации, и тоа: Макстил, Елем-Електрани на Македонија, Алкалоид - Скопје, Микросам, ТГС Технички Гасови - Скопје, Макпрогрес, Технометал Вардар, AССЕКО СЕЕ - Скопје, Стопанска банка - Скопје, Македонски Телеком, Витаминка, Тиквеш винарија, Пелистерка, и фондациите Конрад Аденауер и Фридрих Еберт.
|