|
Честитка по повод Денот на АРМ до Генералштабот и припадниците на Армијата на Република Македонија
|
|
|
По повод 18 Август, денот на Армијата на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ја упати следната честитка до Генералштабот и припадниците на Армијата на Република Македонија.
Почитуван началник на генералштабот на Армијата на Република Македонија,
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија
Како ваш врховен командант ми претставува особена чест да ви го честитам 18 Август, денот на македонската армија. Одбележувајќи 19 години од формирањето на македонската армија можеме со гордост да кажеме дека во нашите вооружени сили имавме, имаме и ќе имаме гаранција за нашиот територијален суверенитет и интегритет. Особено е важно што во македонската армија заедно служат припадници на сите етнички и верски заедници во Република Македонија, претставувајќи гаранција за слободата на сите наши граѓани и заедничкиот соживот.
Во пресрет на 20-годишнината од независноста на Република Македонија би сакал да подвлечам дека особено се гордееме со успесите и развитокот на нашата армија која со својата професионалност, стручност и мотивираност ги исполнува највисоките стандарди. Денес, македонската армија не е само обучена за обезбедување на мирот и слободата на нашата држава, туку е значаен фактор за стабилноста на регионот. Непроценлив е придонесот кон обезбедувањето на мирот и стабилноста во некои од најзагрозените региони во светот. Во моментов 176 македонски војници, заедно со колегите од армиите на водечките демократски сили во светот, учествуваат во три мисии во Авганистан, БиХ и Либан претставувајќи амбасадори на мирот и потврдувајќи го високиот углед на македонската армија.
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Дозволете уште еднаш во името на сите граѓани на Република Македонија, да ви го честитам 18 Август, да ви изразам благодарност за вашата посветеност и пожртвуваност и да ви посакам среќа и успех, како во личните, така и во професионалните ангажмани.
Нека е вечен денот на Армијата на Република Македонија!
Д-р Ѓорге Иванов
|