|
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија и на Кралството Холандија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (17 август) ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија и на Кралството Холандија.
На средбата со амбасадорот на Сојузна Република Германија Н.Е. г-ѓа Гудрун Штајнакер, Претседателот Иванов и посака добредојде на Амбасадорот Штајнакер. Претседателот Иванов истакна дека Германија, како водечка европска држава и како еден од најзначајните економски партнери на Република Македонија, е исклучително важен пријател на Република Македонија. Претседателот, на средбата со Амбасадорот Штајнакер, изјави дека за Република Македонија продолжувањето на евро-атланските интеграции претставува стратегиска одлука и единствена перспектива за натамошен економски и политички развој. Претседателот високо ја оцени улогата на Германија во интегративните процеси на Македонија и во регионот, и изрази надеж дека и со својот личен ангажман Амбасадорот Штајнакер ќе придонесе кон натамошно продлабочување на односите и засилување на соработката меѓу двете земји.
На средбата со Н.Е. г-ѓа Мариа Хенриет Шурман, амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, Претседателот Иванов високо ги оцени односите и пријателството меѓу двете држави. Соработката во голем број на развојни проекти во Република Македонија во областите на економијата, технолошкиот напредок, образованието, туризмот и други области, на средбата беше оценета како исклучително важен придонес на Кралството Холандија. Претседателот Иванов изрази благодарност за постојната и силна поддршка на Кралството Холандија за реализирањето на стратегиските цели на Република Македонија – членството во НАТО и во Европската Унија – за чие реализирање оцени дека ќе даде непроценлив придонес и кон просперитетот и стабилноста на целиот регион.
|