Проштална средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Петар Соренсен
Среда, 17 Август 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (17 август) го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија Н.Е: г-дин Петар Соренсен на проштална средба.

Двајцата соговорници на средбата изразија задоволство од интензивната соработка во изминатиот период. Претседателот Иванов му се заблагодари и му честиташе на Амбасадорот Соренсен за конструктивната и позитивната улога која ја одигра во поддршка на реформските процеси. Претседателот го поздрави и неговиот придонес и поддршка за значајни конкретни проекти од соработката меѓу Република Македонија и Европската Унија.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во Европската Унија, а особено за процесот на интегрирање на Република Македонија во Унијата од аспект на спроведувањето на најзначајните реформи и атмосферата во Унијата. Претседателот Иванов и Амбасадорот Соренсен разговараа и за претстојниот извештај за напредокот на Македонија.

Тема на средбата беа и актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и улогата на Република Македонија во регионалната соработка. Претседателот Иванов истакна дека продолжувањето на европските интегративни процеси и инфраструктурното поврзување на земјите од регионот се од исклучителна важност за напредување на регионот.

Амбасадорот Соренсен на средбата потенцираше дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во овие области. Амбасадорот изрази задоволство од неговиот ангажман во Република Македонија и истакна дека високо ја цени улогата на Претседателот Иванов. Претседателот Иванов изрази надеж дека Амбасадорот Соренсен ќе продолжи да го дава својот придонес за интегративните процеси и проширувањето на Европската Унија и од новата позиција на која заминува.

  Back<<Назад