|
Претседателот Иванов се сретна со организаторите на Охридско лето
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Вила Билјана во Охрид ги прими организаторите и дел од учесниците на годинешното Охридско лето.
На средбата, организаторите на фестивалот го информираа Претседателот, кој е и покровител на фестивалот, за досегашниот тек на подготовките. Претседателот Иванов изрази надеж дека фестивалот Охридско лето 2011 година ќе биде успешен културен настан, со учество на голем број странски уметници од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид. Според Претседателот Иванов, фестивалот Охридско лето дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот, како и на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика. Претседателот Иванов минатата година додели Орден за заслуги за Македонија на фестивалот Охридско лето, поради долгогодишното успешно претставување на македонското и светското музичко и културно творештво на оваа национална установа.
Фестивалот ќе биде отворен утре, со премиера на делото Триологија Романа. На свеченото отворање, како гости на Претседателот Иванов ќе присуствуваат и Претседателите на Албанија, Косово и на Црна Гора.
|