|
По повод 14 јули - Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на Француската Република, Никола Саркози.
Почитуван господине Претседателе,
По повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, Вам лично и на сите граѓани на Вашата земја, Ви упатувам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за благосостојба на пријателскиот народ на Франција.
Важноста на 14 јули 1789 година, за Франција, но и за Европа и светот е голема. Тоа е славење на идеалите на Француската револуција - слобода, еднаквост, братство, како и идеалите зацртани во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот - слободата, правото на сопственост, безбедност, правото на борба против угнетувањето. Идеали кои во континуитет претставуваат инспирација за луѓето и народите ширум светот во својот стремеж за остварување на природните права на човекот. Идеали кои пред две децении ги исполни и Република Македонија.
Дозволете ми да ја искористам оваа свечена пригода да изразам задоволство од досегашниот развој на односите кои се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа.
Сеќавајќи се на визионерските зборови на големиот Французин и Европеец, Жан Моне - „да се гради Европа значи да се гради мир“ - сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика да искажам благодарност за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во оваа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.
Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
Д-р Ѓорге Иванов
|