|
Средба со учесниците на Семинарот за македонски јазик, литература и културa
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја прими делегацијата на учесници на Семинарот за македонски јазик, литература и култура кој годинава од 27 јуни до 12 јули по 44-ти пат традиционално се одржува во Охрид, во организација на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. Годинава на Семинарот за македонски јазик, литература и култура присуствуваат 112 учесници од 24 земји.
На средбата, Претседателот Иванов го подвлече значењето на Семинарот за македонски јазик, литература и култура кој повеќе од четири децении претставува духовна крепост на македонскиот културен и национален идентитет. Благодарение на овој настан македонскиот јазик и македонската литература и култура се распространува низ сите светски меридијани создавајќи свои пријатели и почитувачи. Честитајќи им на организаторите за посветеноста при организирањето и реализирањето на семинарот претседателот Иванов им посака и во иднина семинарот да продолжи со својата мисија и постојано развивајќи и наградувајќи ги своите содржини ревносно да го промовира македонскиот јазик и култура.
Гостите подробно го информираа Претседателот за годинешната програма и се заблагодарија за неговата поддршка изразувајќи цврста заложба и понатаму да бидат промотори на македонскиот јазичен и културен идентитет. Тие исто така го информираа Претседателот дека по завршувањето на семинарот ќе следи и меѓународната научна конференција на која ќе присуствуваат 80 учесници.
|