|
Партнерството меѓу Македонија и САД продолжува со несмален интензитет – амбасадорот Рикер во проштална посета
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (4 јули) во проштална посета го прими амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија г-дин Филип Рикер.
Двајцата соговорници се согласија дека односите меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави се исклучително добри, на ниво на стратегиско партнерство кое со несмален интензитет опстојува од осамостојувањето на Македонија до денес.
На средбата, Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на соработката и партнерството со Соединетите Американски Држави, искажувајќи висока почит за ангажманот и посветеноста на амбасадорот Рикер во градење и развивање на односите помеѓу двете држави.
Амбасадорот Рикер истакна дека САД високо го цени пријателството и партнерството со Република Македонија и му се заблагодари на Претседателот Иванов за исклучително позитивната и конструктивна соработка за време на неговиот мандат. Тој истакна дека особено ги цени иницијативите на Претседателот Иванов насочени кон младите во Република Македонија.
Амбасадорот во заминување Рикер, исто така, истакна дека е особено горд на соработката во сферата на безбедноста и одбраната, како и на стратегиското партнерство, засновано врз взаемното почитување на идентични вредности изразено и преку поддршката која Република Македонија ја дава во важните операции за заштита на демократијата во меѓународните воени мисии.
Претседателот Иванов и Амбасадорот Рикер заклучија дека добрата соработка помеѓу Република Македонија и САД ќе продолжи и во наредниот период. Двајцата соговорници изразија надеж дека наскоро Република Македонија ќе ги реализира стратегиските приоритети – полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Претседателот Иванов оцени дека тоа ќе биде чекор кој ќе придонесе кон просперитетот, стабилноста и демократскиот развој на регионот – цели кои ги делат и Соединетите Држави и во чие реализирање инвестираа значителни ресурси.
На крајот, Претседателот Иванов ја искористи приликата да му го честита на амбасадорот Рикер националниот празник на САД, Денот на независност – 4 јули.
|