Проштални средби со амбасадорите на Романија, Унгарија и на Полска
Среда, 06 Јули 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на проштални средби ги прими амбасадорите на Романија, Унгарија и на Полска во Република Македонија.

На средбата со Адријан Стефан Константинеску, амбасадор на Република Романија во Република Македонија, амбасадорот изрази благодарност за отворената соработка со Претседателот Иванов во вршењето на дипломатските должности. Двајцата соговорници изразија задоволство од достигнатото ниво во политичките односи и од растечката економска соработка и трговска размена. Претседателот Иванов и амбасадорот Константинеску разговараа и за претстојната возвратна посета на Претседателот Иванов на Романија.

Претседателот Иванов на унгарскиот амбасадор Ференц Кекеши му изрази благодарност за силната и принципиелна поддршка за време на унгарското претседавање со Европската Унија. На средбата беше констатирано дека оваа поддршка ќе продолжи и понатаму. Претседателот Иванов и амбасадорот Кекеши оценија дека билатералните односи на двете држави се одлични, со редовни средби на највисоко ниво кои позитивно се одразуваат на развојот на пријателските односи и севкупната соработка меѓу Република Македонија и Република Унгарија.

На средбата со Претседателот Иванов, амбасадорот на Република Полска Дариус Бахура ги претстави приоритетите на полското претседавање со Европската Унија. Амбасадорот Бахура истакна дека проширувањето на Унијата и интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа е еден од приоритетите на претседавањето на Полска. Претседателот Иванов изрази надеж дека за време на претседавањето на Полска, сите земји од регионот ќе направат исчекор во интеграциите и ќе влезат во следната фаза од интеграцијата. Претседателот Иванов оцени дека напредок во интеграциите позитивно ќе делува врз државите од Југоисточна Европа, ќе продуцира стабилност и просперитет во регионот, но позитивно ќе влијае и врз кредибилитетот на процесот на проширувањето и на единството и конкурентноста на Европа и Европската Унија во глобални рамки.

Претседателот Иванов на трите денешни средби нагласи дека на Европската Унија денес и е потребно поголемо потпирање врз европските вредности, повеќе Европа, и дека и е потребно лидерство и визија. На средбите беше искажана целосна подготвеност за натамошно унапредување на пријателските односи, за унапредување на севкупната соработка, особено на соработката на економски план. Претседателот Иванов на средбите со амбасадорите на Романија, Унгарија и на Полска побара нивното лично искуство во Македонија, позитивните активности и постигнатите успеси да бидат траен влог во натамошното развивање на односите на нивните држави со Република Македонија.
 

  Back<<Назад