|
По повод 4 јули, националниот празник на Соединетите Американски Држави, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на САД, Барак Обама:
Дозволете ми, во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви посакам, Вам и на американскиот народ, најсреќен Четврти јули. Пред повеќе од две столетија, остварувањето на очигледната вистина „дека сите луѓе се создадени еднакви, дека на сите луѓе им се дадени, од нивниот Создател, својствени и неотуѓиви права... живот, слобода и потрага по среќа“, ги промени мислите и срцата на американскиот народ и оттогаш претставува инспирација за милиони луѓе, ширум целиот свет, да ги бараат и да ги остваруваат овие права. Пред две децении, македонскиот народ исто така донесе историска одлука за самостојност, независност и сувереност.
Господине Претседателe, задоволен сум од досегашното ниво на македонско-американски односи и соработка, и во овој свечен момент за Соединетите Американски Држави, би сакал да изразам очекување за натамошно продлабочување на пријателството меѓу нашите две држави.
Потсетувајќи се на мудроста на Џеферсон дека нам истовремено ни се дадени и живот и слобода, како и заветот кој Џон Адамс го остави за следните генерации дека „и покрај сите опасности, слободата мора да се брани“, би сакал да Ве уверам, господине Претседателe, дека Република Македонија и нејзиниот народ и натаму ќе ги поддржуваат американските обиди за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот.
Силно посветени на партнерството со Вашата голема нација, нашите мировници остануваат рамо до рамо со Соединетите Американски Држави во стремежот за поголема безбедност, демократија и човекови права во светот. Инспирирани од овие споделени вредности, остануваме сосредоточени за постигнување на сонот на нашите предци - Македонија како рамноправна членка на европското и евроатлантското братство на народи. Ја користам оваа можност, господине Претседателе, да Ви се заблагодарам за континуираната поддршка за исполнување на нашите долгорочни стратешки цели. Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено што ќе биде од заемна корист за нашите деца.
На самиот крај, со желби за Ваш личен, и на американскиот народ, успех и благосостојба, дозволете ми да Ви упатам, господине Претседателе, изрази на највисока почит.
Д-р Ѓорге Иванов
|