|
Писмо со сочувство по повод смртта на д-р Ото фон Хабсбург
|
|
|
По повод смртта на д-р Ото фон Хабсбург, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска испрати писмо со сочувство до семејството Хабсбург.
Почитувани,
Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на големиот Европеец и голем пријател на Република Македонија, д-р Ото фон Хабсбург.
Во меморијата на граѓаните на Република Македонија ќе останат врежани спомените за Фон Хабсбург, еден од визионерите и архитектите на проширувањето на Европската унија. Воден од темелната идеја на Паневропската унија - единство на сите европски народи во една силна Европа - тој никогаш не ја заборави Македонија, уверен дека „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа“.
Република Македонија е неизмерно благодарна за неуморниот ангажман и воедно горда што го имаше за искрен пријател и поддржувач. Фон Хабсбург не задолжи сите нас, да го негуваме и продолжиме неговото дело чиј централен мотив беше идејата за слободна, демократска, просперитетна и обединета Европа.
Токму затоа, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, Ве молам да ги примите изразите на искрено сочувство.
Д-р Ѓорге Иванов
|