Средба со Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Мирослав Стојановски
Петок, 01 Јули 2011   

altПретседателот на Република Македонија и врховен командант на Вооружените сили на АРМ д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Мирослав Стојановски.

На средбата, која е дел од завршните консултативни средби на Претседателот Иванов за избор на нов Началник на Генералштабот на АРМ, се разменија мислења за актуелните состојби во македонската Армија, како и за развојните и реформските процеси.

На средбата се разговараше за мисијата и задачите на АРМ, придонесот во мировните мисии, како и идните планови и цели на Армијата при што беше подвлечено дека АРМ е посветена на продолжување на транформациските процеси, со акцент на зголемување на интероперабилноста со НАТО и придонесот во здружените операции. На средбата беше повторен заклучокот дека Република Македонија ги постигна бараните реформи и го достигна нивото за полноправно членство во НАТО, а влезот во Северно-атлантската Алијанса останува врвен приоритет на македонската надворешна и безбедносна политика.

Консултациите на Претседателот на Република Македонија за именување на нов Началник на Генералштабот се во завршна фаза и изборот ќе биде објавен на 18 август - Денот на Армијата. Генерал-потполковник Стојановски ќе продолжи да ги извршува своите редовни обврски до 18 Август 2011 година, кога на свечен начин ќе се официјализира поставувањето на нов Началник на Генералштабот на АРМ. Претседателот Иванов изрази надеж дека именувањето на Началникот на Генералштабот на Денот на Армијата на Република Македонија ќе биде почеток на една традиција која ќе важи и за идните поставувања на нов Началник на ГШ на АРМ.

  Back<<Назад