Претседателот Иванов при посета на МНР одржа предавање за младите дипломати
Понеделник, 27 Јуни 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го посети Министерството за надворешни работи на Република Македонија при што оствари средба со Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и одржа предавање на младите дипломати на тема “Дваесет години македонска независна дипломатија: резултати, состојби, предизвици’’.

Претседателот Иванов имајќи предвид дека МНР е институцијата со која Претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет остварува исклучително тесна и плодна соработка нагласи дека посетата на Министерството ќе прерасне во традиција и ќе се реализира најмалку еднаш годишно.

На средбата со Министерот Милошоски, Претседателот Иванов покрена иницијатива која се однесува на Одликувања за заслужни странски амбасадори по завршување на нивниот мандат во Република Македонија. Со оваа иницијатива на амбасадорите кои со исклучителниот ангажман за време на нивниот мандат дале значаен придонес во унапредувањето на билатералните односи, во економската и културната соработка, на еден симболичен но значаен гест ќе им се оддаде признание од земјата домаќин. Станува збор за сосема нов тип на одликување кое не е предвидено со постојните ордени и одликувања кои се третираат со Закон за одликувања и признанија и е надвор од надлежноста на Комисијата за одликувања и признанија на Претседателот на Репулика Македонија.

Претседателот Иванов покрена иницијатива која се однесува на македонските амбасадори и дипломати, поточно на де-бирократизација на македонската дипломатија. Во согласност со altставовите на Претседателот Иванов искажани при последната средба со македонските амбасадори, Претседателот апелираше за зголемување на слободата во делувањето на македонските амбасадори со паралелно зголемување на одговорностите по кои и ќе бидат оценувани. Претседателот Иванов најави поригорозна анализа и оценување на работата на амбасадорите по следниве критериуми:

1.    Јавна дипломатија - поголем ангажман и присуство на амбасадорите во јавната дипломатија, во медиумскиот и општествениот живот во земјата на акредитација
2.    Промоција на македонското стопанство и економската соработка
3.    Промоција на културните вредности на Република Македонија

Во предавањето пред младите дипломати, Претседателот Иванов направи рекапитулација на резултатите и постигнувањата на македонската дипломатија во пресрет на 20 годишнината од независноста. Ги посочи предизвиците со кои се соочува македонската дипломатија, слабостите и недостатоците. Претседателот Иванов го анализираше и ги запозна младите дипломати со влијанието на глобализацијата и информатичката револуција кои ги менуваат традиционалниот, елитистички и затворен концепт на дипломатија.
 

  Back<<Назад