Писмо за благодарност до израелскиот претседател Шимон Перес
Четврток, 23 Јуни 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо на благодарност до неговиот израелски колега Шимон Перес за гостопримството и срдечниот пречек на македонската делегација при посетата на Ерусалим, по повод учеството на Претседателската конференција Facing Tomorrow 2011.

„Почитуван претседателе, по моето враќање во Македонија, сакам да нагласам дека вистинска привилегија и чест беше да се биде Ваш гостин, а сакам да упатам и честитки за беспрекорната организација на конференцијата, како и за одличните дискусии кои произлегоа од истата,“ наведува Претседателот Иванов во писмото до израелскиот претседател Перес, нагласувајќи го задоволството што односите на пријателство и соработка меѓу двете земји постојано се продлабочуваат.

„Како што констатиравме на нашата средба, добрите односи меѓу нашите две земји се огледуваат и во редовните и континуирани контакти на секое ниво, што е потврда за традиционално добрите односи, водени од блиските историски врски на двата народи. Особено сум задоволен од средбите кои ги реализирав во Израел за време на конференцијата при што посебно внимание и размена на мислења посветив на прашањата од економски интерес и прашањата од областа на безбедноста и одбраната. Ја користам оваа прилика да нагласам дека Република Македонија високо ја цени Вашата и искрената и принципиелна поддршка што Државата Израел и ја дава на мојата земја,“ пишува Претседателот Иванов.
 

  Back<<Назад