Честитка по повод 24 мај – Денот на Светите браќа Кирил и Методиј
Вторник, 24 Мај 2011   

altПочитувани граѓани,

Во време кога ги живееме врвните цивилизациски придобивки, кога нашиот животен пат се заснова и зацртува преку образованието и знаењето, кога ги надградуваме нашите човечки и хумани вредности во еден обединет свет кој тежнее кон развој, да се потсетиме на оние светли ликови кои го трасираа тој наш пат и кои со нивното дело задолжија многу генерации пред и по нас.

Денес е денот кога го чествуваме делото на македонските и сесловенски просветители и учители, Светите браќа Кирил и Методиј, кога уште еднаш со огромна благодарност се сеќаваме на непроценливото наследство кое ни го оставија, и тоа не само нам, туку и на сите словенски народи.

Како што кажува една стара мудрост – крајот на сознанието се затвора на крајот од вечноста. Секоја генерација го темели својот напредок врз претходните, наследените знаења. Со својата неуморна работа и посветеност Кирил и Методиј го отворија патот на писменоста и ширењето на христијанскиот дух, одбележувајќи ја епохата на будење на словенските народи, придонесувајќи кон севкупниот европски цивилизациски подем. Нивниот придонес за македонската култура и духовен развој, како и втемелувањето на традицијата на верски и културен соживот, претставува срж на нашето бидување денес како нација горда на своето минато, спремна за својата иднина.

Празнувајќи го 24 мај, Денот на Св. Кирил и Методиј, уште еднаш ја потврдуваме нашата верба во добрината и силината на човечкиот дух, еднаквоста и слогата меѓу народите, ја потврдуваме нашата доследност кон светлите принципи кои браќата Кирил и Методиј ги поставија за нас.

Нека ни е честит овој голем празник!

д-р Ѓорге Иванов
 

  Back<<Назад