|
На 27 и 28 мај, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ќе учествува на 17-тиот Состанок на Претседатели од Централна Европа во Варшава, Полска.
Оваа традиционална средба на претседателите од регионот, која се одржува секоја година од 1993 наваму, има цел да овозможи непосреден и рамноправен дијалог на директните соседи и на сите европски држави по местоположба и вокација, за сите прашања од взаемен интерес.
Темите на дискусија се поврзани со актуелните политички и економски проблеми и предизвици во земјите од централно-европскиот регион, но и глобалните политички прашања на европскиот континент и пошироко. Централна тема на состанокот оваа година е „Локалните искуства и универзалните стандарди“, а ќе се дискутира за различните искуства на земјите во процесите на системска трансформација, демократскиот развој, создавањето отворен пазар, како и за идните перспективи и предизвици.
На 17-тиот состанок во Варшава ќе учествуваат вкупно 22 претседатели на држави - Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Германија, Унгарија, Италија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Украина, Латвија, Литванија и Косово, а како специјален гостин ќе биде присутен и Претседателот на САД, Барак Обама.
Пред крајот на Варшавскиот состанок, предвидена е заедничка вечера на сите европски претседатели со Претседателот на САД Барак Обама, а ќе се разговара за искуствата на земјите од Централна Европа во унапредувањето на демократијата, просперитетот и стабилноста во Европа, како и за револуциите на Средниот Исток и Северна Африка, импликациите врз Европа и поддршката за нивната демократска транзиција.
Покрај учеството во дебатите на зададените теми, Претседателот Иванов ќе оствари повеќе билатерални и неформални средби со европски лидери.
|