Честитка до припадниците на Влашката заедница по повод Денот на Власите, 23 мај
Понеделник, 23 Мај 2011   

alt23 мај го празнуваме денот посветен на исполнување на аманетот кој на Власите им го остави големиот поет Константин Белемаче: „Целата радост и светлина во домот, за оној што мајчиниот јазик не го заборава!“ Овој родителски, општочовечки завет е вграден во темелите на македонската државност, но и во македонската мултиетничка демократија насочена кон чување, развивање и промовирање на етничкото, јазичното и културното богатство на Република Македонија.

За посветеноста на Република Македонија зборува фактот што во 2007 година, на 10 годишниот јубилеј од донесувањето на Препораката 1333 на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, беше истакнато дека токму Република Македонија е пример за сите други држави за тоа како треба да се негува, унапредува и промовира влашкиот јазик и култура, не само со зборови, туку и со дела.

Република Македонија е горда на влашката заедница, која е уставно призната и општествено ценета, и која со својата трудољубивост и богата култура претставува нераскинлив дел од историјата на нашата држава. Од Илинденската епопеја и Крушевската Република, преку Народно-ослободителната борба и АСНОМ-ска Македонија, па сè до третиот Илинден. Прогласувањето на македонската самостојност, независност и сувереност на 8 септември 1991 година беше првата телевизиска вест емитувана на влашки јазик, означувајќи го со тоа и почетокот на дводецениското работење на Редакцијата на влашки јазик. Македонската телевизија беше и се уште е единствената национална телевизија во светот која емитува програма на влашки јазик.

До сега направеното е пример за другите, но воедно и обврска за нас да продолжиме по истиот пат. Свесна дека нема ништо посвето од идентитетот, Република Македонија посветено и со гордост го негува општествениот придонес на Власите. Токму затоа, силно е поддржана иницијативата за воспоставување на центар посветен на зачувување, проучување и промовирање на влашкиот јазик, култура, историја и традиција.

На тој начин, Македонија го нагласува единството на македонското национално ткиво и присуството на Власите низ историјата, сплотеност запечатена со двата Илиндена, сплотеност препознатлива низ придонесот на бројните Власи хуманисти, научници и уметници со светска слава. Тоа е и конкретен чекор во насока на негувањето на заедничкиот именител од прастари времиња, збогатувајќи ја со тоа и македонска културна матрица. На тоа обврзува заветот на Белемаче, на тоа нè обврзува нашата заедничка европска и евроатлантска иднина на оваа и на наредните генерации.

Во оваа прилика би сакал на сите Власи во Република Македонија да им го честитам овој светол празник.


д-р Ѓорге Иванов
 

  Back<<Назад