Претседателот д-р Ѓорге Иванов во Рим на манифестацијата "Македонија во чест на Св. Кирил"
Недела, 22 Мај 2011   

alt

Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, од денеска ќе престојува во тридневна посета на Република Италија и Светиот Престол, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

Во состав на државната делегација се и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и заменик директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Антон Серечи, а во црковната делегација се митрополитите преспанско-пелагониски и европски, господин Петар и господин Пимен, како и бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов.

Според програмата, попладнево во Рим делегацијата ќе ја посети античката капела при Пантеон во придружба на Даниеле Микелети, ректор на базиликата Пантеон, каде ќе присуствува и на свеченото отворање на манифестацијата со концерт на Благој Нацоски, Ана и Олег Кондратенко, Алесандро Д Агостини и Марија Вршкова.

Во текот на утрешниот ден, во Ватикан претседателот Иванов ќе биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква папата Бенедикт Шеснаесети, а ќе разговара и со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Тарчисо Бертоне.

Попладнето македонската делегација ќе ја посети базиликата Свети Павле каде ќе положи цвеќе на гробот на Свети Павле во придружба на кардиналот Франческо Монтеризи, а во вечерните часови ќе присуствува на театарската претстава за Мајка Тереза насловена „Светица на темнината“.

По аудиенцијата кај Папата и средбите во Ватикан, во црквата „Свети Климент“ во Рим во вторник ќе биде одржан молебен на гробот на Свети Кирил во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

  Back<<Назад