|
Посета на Баварија: средба со бизнис заедницата и нови можности за соработка и инвестиции
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со бизнисмени од германската сојузна држава Баварија на која разговараше за можностите за инвестирање во Македонија. Средбата се одржа во рамките на посетата на Претседателот Иванов на Баварија каде што учествува на годинешната конференција на германската Паневропска Унија.
Во баварскиот град Бад Верисхофен, Претседателот Иванов се сретна со претставници на авионската и текстилната индустрија, со успешни стопанственици од секторот туризам, приватно образование и претставници на германски стопански комори и организации на локалната самоуправа. Учесниците на средбата до Претседателот Иванов изразија интерес за поволностите кои Македонија ги нуди за инвестирање особено за секторот услуги.
Баварија е една од економски најразвиените германски сојузни држави, каде се седиштата на индустриски гиганти како што се БМВ и Ауди и голем број други водечки компании.
Претседателот Иванов денеска ќе оствари средба со Неговото Височество Принцот на Лихтенштајн Ханс Адам Втори, и ќе присуствува на свечено отворање на годинешната конференција на германската Паневропска Унија.
Паневропската Унија е водечка меѓународна организација која со децении се бори за европско обединување, како и за промоција на демократијата и слободата. Членовите на Паневропското движење се постојани и силни поддржувачи на Република Македонија и нејзините европски перспективи.
|