Честитка до припадниците на Ромската заедница по повод Меѓународниот ден на Ромите
Петок, 08 Април 2011   


По повод 8 април - Меѓународниот ден на Ромите, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

Почитувани,

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам 8 Април, Mеѓународниот ден на Ромите.

8 Април е денот посветен на историјата и културата на Ромите кои претставуваат најголемо етничко малцинство во Европа. Со одбележувањето на овој ден се афирмира потребата од уште поголема активност за интегрирање на ромската популација во европските општества.

Ситуацијата со ромската заедница во Република Македонија и степенот на права кои таа ги ужива се пример за целиот свет. Имено во нашата земја Ромите имаат можност да се образуваат на својот мајчин јазик, да гласаат за своите партии и кандидати и да бидат претставени во сите институции на државата. Со право може да констатираме дека Ромите во Република Македонија се неотуѓив дел од Македонското општество.

Почитувани граѓани од ромската националност,

Ве уверувам дека во институцијата Претседател и во мојата личност имате посветен подржувач на напорите за понатамошно подобрување на социјалната и економска положба на Ромите. Само со заеднички напори на сите институции и на граѓаните на Република Македонија може да постигнеме уште поголеми успеси и резултати во афирмирањето на ромската култура и унапредувањето на благосостојбата на граѓаните од ромска националност.

Нека е честит празникот

Д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад