Средба со Мајкл Саран, основач на ОДИЕН групацијата и Претседател на бордот на директори на ЧЕДОК
Среда, 30 Март 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Мајкл Саран, основач на ОДИЕН групацијата, една од водечките приватни инвестициони компании во централна и источна Европа и Претседател на бордот на директори на ЧЕДОК, најголемата туристичка корпорација во Чешката Република и меѓу најголемите во централна Европа.

На средбата, г-дин Саран искажа благодарност за поканата да ја посети Република Македонија и искажа интерес за актуелните економски состојби во Република Македонија. Посетата ја оцени како исклучително значајна имајќи ги предвид можностите и интересот на корпорациите кои ги претставува за проширување на бизнис плановите не само во сферата на туризмот, туку и во други сектори.

Претседателот Иванов го информираше соговорникот за активностите кои се преземаат на планот на создавање на подобра економска и инвестициска клима во Македонија. Изрази задоволство што Република Македонија како туристичка дестинација веќе одредено време е на понудата на туристичката корпорација Чедок, која веќе има реализирано туристички посети во Македонија. Изрази надеж дека поволностите кои се нудат за странските инвеститори, како и бројните можности за инвестирање во Република Македонија во разни сектори, ќе резултираат со конкретна економска соработка.



Мајкл Саран престојува во Република Македонија на покана на Претседателот Иванов упатена на нивната средба реализирана при официјалната посета на македонскиот Претседател на Чешката Република, во согласност со посветеноста на Претседателот Иванов на економскиот развој на Република Македонија.

Мајкл Саран, кој престојува во Македонија со цел добивање на потенцијални информации кои би можел да ги искористи при развој на неговите бизнис планови, ќе оствари и средби со претставници на Агенцијата за странски инвестиции, на Министерството за економија, а во неговата агенда се предвидени и посети на Охрид, Битола, Маврово и средби со претставници на локалната самоуправа.

  Back<<Назад