Средба со Претседателот на Албанија Бамир Топи и со Претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ
Четврток, 10 Март 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со Претседателот на Република Албанија Бамир Топи и со Претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ.

Претседателот Иванов на високите гости срдечно им се заблагодари за присуството на отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, додавајќи дека во регионот на Југоисточна Европа се уште се живи спомените на разурнувачката моќ на човечката омраза. Поради тоа, Претседателот Иванов изрази задоволство што со своето присуство, Претседателот Топи и Претседателот Вујановиќ покажуваат дека се гради еден нов Балкан, во кој разните народи можат да живеат во мир и взаемно почитување.

На средбата, тројцата Претседатели имаа можност да ја разгледаат политичката состојба во регионот. Заедничка оценка на Претседателите беше дека продолжувањето и комплетирањето на евро-атлантските интеграции е неопходен предуслов за одржување на просперитетот на сите земји во регионот. Притоа, водачите на трите држави изразија подготвеност да ја продолжат добрата соработка во интегративните процеси, свесни дека успехот на една држава ги носи сите земји поблиску до заедничката цел. Беше констатирано високо ниво во меѓусебните односи и подготвеност за натамошно интензивирање на односите и соработката. Тема на разговор беше и претстојниот, трет по ред состанок на Претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, кој оваа година ќе се одржи во почетокот на јули, а домаќин ќе биде Република Македонија. Беа разгледувани и перспективите за соработка во останатите регионални иницијативи, како во Процесот за соработка и Јадранско-јонската иницијатива и други.

Претседателите Иванов, Топи и Вујановиќ на средбата разгледаа повеќе иницијативи за инфраструктурно поврзување, за намалување на ограничувањата во размената меѓу трите држави и за проекти од взаемен интерес. Заедничка оценка беше дека се потребни конкретни чекори кон создавањето на обединет регион во обединета Европа.

  Back<<Назад