Средба со вицепремиерот и министер за стратегиски прашања на Државата Израел, Моше Јалон
Среда, 09 Март 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Моше Јалон, вицепремиер и министер за стратегиски прашања на Државата Израел.

Вицепремиерот Јалон на средбата изрази благодарност до Република Македонија за иницијативата за изразување на почит на жртвите на Холокаустот преку отворањето на Меморијалниот центар во Скопје, кој го оцени како голем гест на Македонија.

Претседателот Иванов на средбата искажа особено задоволство од позитивниот тренд во развојот на односите и соработката со Државата Израел. Претседателот оцени дека соработката меѓу двете земји е континуирана и на сите нивоа, и ја поздрави посетата на вицепремиерот Јалон како доказ за високиот степен во односите. Вицепремиерот Јалон искажа подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на односите и соработката со Република Македонија во сите сфери од взаемен интерес.


На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во регионот на Југоисточна Европа и на Блискиот исток. Претседателот Иванов го запозна соговорникот со актуелните политички и економски состојби во Република Македонија, како и со напорите и актуелностите на планот на интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури. Во тој контекст Претседателот Иванов го запозна соговорникот и со актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси, што од своја страна создава предизвици на внатрешен план.

  Back<<Назад